По повод 8 Септември, денот на македонската независност. Патриотизмот или родољубието е најсодржински, односно врховен сплет на чувства и односи кои определуваат припаднот кон колективот именуван како народ со терминолошките варијантни изрази: род, племе, нација, народност, етнос, етникум…, дадени во одреден социолошко-историски контекст, истовремено поврзан со територија на егзистирање. Независно од терминологијата, патриотизмот е исклучително потребно чувство на толпата за функционирање на еден колектив, односно народ на определена територија.
Ако современото поимање на определбата народ, кој како составни компоненти ги има јазикот и територијата, условно зачнато со Француската боржуаска револуција 1789 година, како и општествените процеси кои се предизвикани во тогашна Европа, тогаш и македонскиот простор по принципот на домино-ефектот не заостанал од тогашнaта европска актуелност.
Тој актуелен европски бран на самиот почеток од XVIII е препознаен во никулците на македонската современа книжевност кај Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ и нивното печатарско присуство во тогашните престижни европски центри. Веќе во средината на XIX век Македонија ги има репрезентите на македонската поезија, браќата Миладиновски, како и сеопфатниот прозаист, Марко Цепенков.
Следењето на националното сознание е искучително добро разбрано и во прецизната определба од 1875 година од самоучениот просветител и пожртвуван револуционер, Ѓорѓија Пулевски, во неговиот Речник на три јазика: „Народ се вељид људи кои се од еден род и који зборувајед еднаков збор, и који живувајед и се другарад еден со други, и који имајед једнакви обичаи и песни и весеља, тије људите ји викајед народ, а место во које живувад народ се вељид отечество од тои народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија.“
Крајот на XIX век, покрај со книжевното будење, националното созревање се заокружува и со организирно делување на Македонската ревлуционерна организација, која заради формациско организирање добива или менува неколку имиња. Почетокот на XX век тоа национално самосознание колуминира со масовно или ограничено, но организирано воено-борбено делување.
Оваа кондензирана хронолигија за развојот на дефиницијата народ на Мијакот од Галичник само докажува дека луѓето од македонскиот простор ни малку не заостаувале од историските процеси кои го придвижувале светот. Напротив, биле авангарда на своето време и го дале својот влог (некогаш и се надминале себеси) во парадигмата на еволутивниот процес на колективот именуван како народ, без оглед на изразните нијанси кои произлегуваат од генеричката именка народ.
Но што се случува со патриотизмот во денешницава, кога национално созреаната мисла е заокружана со државотворни елементи: образовно-културни и економско-финансиски? Во таков случај, историската основа треба да се ползува како придобивка и наследено искуство, но не како цел сама за себе, туку како основа за надградба и иден развој на државата. Повторувањето на иконографијата за патриотизмот од минатото само заради повторување, без проникнување во нејзината суштина, преминува во „турбо-фолк“ патриотизам, а тој, пак, произведува „турбо-фолк“ предводници. Така би се предизвикал реверибилен процес, спротивен на „ренесансата“ од XIX век.
Патриотизмот на денешницата нужно побарува квалитативно потпирање на минатото како основа за постоењето, истовремено, освојување на европските и светските уметнички сцени, европските и светските спортски мундијали, изградување општествени, економски и политички релации со светот кои значат вклучување во светскиот крвоток, но не претопувајќи во масата, ами со зачувана индивидуалност и интегритет, збогатувајќи го тој крвоток со свој печат. Патриотизмот на денешницата треба да одговори на предизвиците од своето време, да биде континуитет на поставените темели, да ги маргинализира лукра¬тивните елементи, бидејќи тие само ја разводнуваат енергијата и создаваат ментална матрица од типот „за да се биде, па макар и еден ден близу до царот, да се уништи и самото царство“.
м-р Александар Јорданоски
Извор: Курир.мк