Какви идни кадри креираме?

Живееме во времиња во кои нештата се движат брзо како на филмска лента и на светско ниво, и регионално, и тука кај нас, дома, пак човек не знае на што да обрне внимание и истретира како тема, затоа што се е во основа битно, а проаѓа ко информација за ден два и го забораваме.

Владини претставници деновиве коментираа околу образовните профили и спремноста на младата работна сила се вклучи на пазарот на труд. Доволно е да прошетате во Рамстор мол во центарот на градот и да ги погледнете таблоата од студентите од средните училишта и апсолвентите од Универзитетот Свети Кирил и Методиј, и се ќе ви биде јасно.

Најголем дел од учениците кои завршуваат средно се со гимназија. Тотално се уништени средните технички и стручни училишта. Место да вадиме кадар за дејностите кои се неопходни (електричари, водоводџии, бравари, сервисери) вадиме деца со општо средно образование кои не знаат кај тераат. Стандардно популарни се економската струка и медицина, готово се останато е на раб на преживување.

Во високото образование ситуацијата е уште по екстремна. Најмногу апсолвенти има на Правниот факултет, на правните студии. Иако има сигурно уште најмалку 15 правни факултети на буквално секој приватен и државен универзитет, сепак квотата повторно тука е огромна.

На Филозофскиот факултет пад на скоро сите студиски групи, расте или држи ниво дефектологија. Повторно по принцип на помодарство и можност за вработување, младите и нивните родители одат на картата на струка со која полесно ќе обезбедат сигурна работа. Класичните студии, Историја на уметност и многу други се во слободен пад.

На Филолошкиот имате огромен број студенти кои студираат Англиски јазик, но незначителен број македонски. Зашто е тоа така , треба самите да се прашаме. Во период кога трпиме силен удар на идентитетот, на јазикот, обидот истиот и вон државата, но и во самата Македонија да се релативизира и направи опционален, а не задолжителен и примарен, имам впечаток дека не се прави ништо по тоа прашање.

За Медицинскиот факултет, иако многумина зборуваат дека има хипер продукција на кадри, реалноста покажува дека сепак има дефицит. Тоа е поради огромниот одлив на кадри пред се во Германија. Навистина е смешно да државата инвестира години и средства во кадар посебно тие во државна квота, а ги испушта така лесно. Младите доктори и со право си одат. Или не се ангажираат веднаш, или финансиски се деградирани. Државата мора да смисли модалитет со кој оние кои студираат во државна квота, веднаш ќе се вработат, ќе им се обезбеди раст во плата и кариера, но и дека минимум 10 години ќе треба да останат во државата. Вака испаѓа дека произведуваме кадар за извоз, на наш трошок. Нема логика да доктор, макар и почетник, е платен послабо од чистачката во МЕПСО или ЕЛЕМ.

Погледнете го таблото на поранешниот Факултет за физичка култура. Тренери вадиме на ангро. Исто како и некакви безбедносни студии. Од друга страна, Природно математичкиот факултет од година во година тоне, а не знам дека има друг во државата со таков профил. За некоја година ќе нема кој да ги учи децата во основно и средно, математика, физика, хемија, но затоа пак ќе има еден куп тренери, преведувачи и полицајци.

Градежниот факултет по долгогодишната криза очигледно се опорави, и повторно има пристојна бројка студенти. За жал, она што го говорат професорите на истиот квалитетот и капацитет на студентите е драстично паднат, дека студентите од средно образование доаѓаа со знаења по математика на ниво на поранешен осмоодделенец.

Да не ги заборавиме Шумарскиот, Ветеринарниот, Земјоделскиот и ред други факултети кои креираат кадар кој треба да го раздвижи општеството и економијата, а се запоставени и неатрактивни.

Оние кои се на ФИНКИ и ФЕИТ, па и МФ и ТМФ имаат работа уште додека студираат доколку ги бива, но законските ограничувања ги спречуваат да имаат нормално вработување, и да бидат редовни студенти. Затоа или губат години, или студираат вонредно, или предвреме се откажуваат од студии. Наместо факултетите со распоредот, вежбите и полагањата да се во функција на студентите, студентите се тие кои се под постојан стрес, за прилагодување. Типична македонска себичност и импровизација.

Анализата ми е свесно пред се за УКИМ, затоа што сметам се уште дека УКИМ се уште е темелот на образованието. Не се ни сомневам дека приватните универзитети работат и се трудат, но нивна основна премиса е профитот. За останатите државни УКЛО, УГД, ДУТ треба сериозно да поработат и да се потврдат со резултати дека се работи за сериозни образовни и научни установи, а искрено Апостол Павле и Мајка Тереза, нека не ми замерат, но не ги сфаќам сериозно за да искажам став. Сепак за креирање и оформување на високо образован установа треба време и резултати.

За крај, што да се рече, освен дека оние кои неретко ги креираат државните политики или биле и се неспособни, или немаат никаква визија, план и цел, или пак се водени од тесни и лични интереси поради кои пати целото општество и тапка во место.

Се додека немаме стратегија и план што продуцираме и што субвенционираме како државно студирање, нема напред. За почеток, мора реално, непристрасно и строго оценување во средните училишта, а потоа ограничен број на студенти во државна квота. Која сака по секоја цена да студира нешто вон предвидената и потреба државна квота, треба да си плати и тоа солено, па нека одлучи дали вистина сака тоа да го студира.

Ваквите планови не смеат да бидат дел од дневна политика, ниту пак хирови на поединци, туку среднорочни и долгорочни решенија, изработени од стручни лица, со сериозна анализа, во која би се вклучиле и Министерството за јавна администрација, Стопанските комори, Агенцијата за вработување и сите други засегнати, за да понатамошните влијанија бидат исклучени, а со тоа ќе се намали и непотизмот.

Нели сакаме Европа, ЕУ, европски вредности? Мора оправање, инаку напред нема!

Александар Ристевски

Извор: Курир

You May Also Like