Енес Халиловиќ: Денешните писатели се калкуланти

Халиловиќ е одличен познавач на книжевните текови на Балканот и Европа, творец на списанието „Сент“ и веб-порталот за книжевност Екерман. Отворен, непосреден и досетлив соговорник, голем почитувач и промотор на македонската литература.

Енес Халиловиќ е поет, писател, драмски автор, преведувач и новинар од Нови Пазар. Ги има објавено збирките поезија: „Средна буква“ (1995), „Блудна хартија“ (2000), „Листови на вода“ (2007) „Песни од болеста и од здравјето“ (2012); збирките раскази: „Потомците на одбиени просачи“ (2004) и „Капиларни појави“ (2006); драмите „In vivo“ (2004), „Кемет“ (2010); романите: „Еп за водата“ (2012) и „Ако долго време гледаш во понорот“ (2016). Важи за еден од најактивите и најчитани автори во Србија, застапен во бројни антологии, добитник е на книжевните награди „Бранко Миљковиќ“, „Ѓуро Јакшиќ“ и „Меша Селимовиќ“.

Изминатиот месец Халиловиќ беше на резиденцијален престој во Скопје, во рамки на програмата за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која издавачката куќа „Готен“ ја реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки. За време на престојот учествуваше и на фестивалот за европска литература „Букстар“.

Македонија има одлична книжевна традиција, секогаш имала. Тука секогаш постоел некој што пишувал, макар тоа бил и некој осамен монах некаде во некој храм –  и овој пат Халиловиќ го потврдува и потенцира впечатокот што го имал уште при првата средба со македонската литература.

Зошто пишувате?

  • Мене тоа ми е природно, како што птицата лета, дрвото цвета, некој пее, а јас имам потреба да пишувам песни, приказни, драми, сценарија, се занимавам со книжевност, за мене тоа е најпотребната и најприродна работа на светот.

Во еден ваш стих велите дека очите се отворени, гладни и дека само земјата може да ги затвори, ова го пеете за човечката, можеби и за поетската љубопитност?

  • Не, напротив, мислам на човечката алчност, на очите кои се ненаситни, дека секогаш сакаме нешто повеќе, дека сакаме куќи, коли, милиони и таа глад се запира и замира само кога човек ќе умре , кога навистина ќе заврши покриен со земја. Таа човечка алчност го уништува светот. Човекот заборава каде му е местото, заборава на Бога и на се’ останато.

Па каде е местото на книжевноста во еден таков алчен и материјален свет, кој пак дополнително е оптoварен и омеѓен со дневно-општествени случувања, посебно тука на Балканот?

  • Книжевноста има свое место во светот како и секогаш што го имала и ќе го има. Го има и на овој наш простор на Балканот и на просторот на некогашна Југославија. Видете, на страна од маркетингот и големите митови за европската цивилизација, јас сметам дека ние на Балканот не сме за жалење во однос на културата. Јас не се чувствувам подреден во однос на Европа, напротив мислам дека на Европа Балканот и неговата култура навистина многу и’ значат. Тоа го велат и историјата и цивилизацијата. Видете, Сократ, Аристотел и цел еден огромен список, се цивилизациски придобивки токму од овој регион, а со такви големи имиња од само едно подрачје, не може да се пофали некоја друга страна. Не значи дека ако чуеме дека некој е од Холандија, по дефиниција е добар, напротив ,и таму има многу просечни современи автори. Тука сакам да го истакнам и значењето на македонската литература за креирањето на севкупната јужнословенска литература. Македонија има одлична книжевна традиција, секогаш имала. Тука секогаш постоел некој што пишувал, макар тоа бил и некој осамен монах некаде во некој храм. Со еден мој колега поет често се смееме дека во Македонија треба да организираме школа за пишување лоши песни, затоа што тука сите пишуваат главно добри песни. Тука е и вашиот роман, експериментите што некои ваши романсиери тука ги започнаа, потоа ги преземаа и писателите од Србија, Хрватска и слично. Македонија е многу важна за балканската и европската литература. И уште нешто што не смее да се заборави, пионерскиот чекор на Игор Исаковски во електронското издаваштво (н.з Блесок), отворањето  на Македонија кон светот и впишување на е-мапата на светската литература. Мислам дека Македонија и не е свесна колку тогаш, во тој момент еден млад човек каков што беше Исаковски направи огромен пресврт за оваа култура.

Освен како книжевник и новинар, активен сте и како издавач, уредник, можете ли да кажете дека живеете од книжевност?

  • Па и живеам и не. Видете никој не живее од книжевност, како ни од машинство или градежништво и тоа е нашата најголема иронија. Јас сум и новинар и на тој начин си обезбедував средстава за живот, работев за Слободна Европа, ја основав Санапрес, новинската агенција, која ја работев 7 години, потоа ја подарив. Тука е и мојот веб-потралот за книжевно интервју Екерман и списанието Сент. Екерман има голема читаност во регионот, но и низ светот, тоа го кажува нашата статсистика според посетителите на страната. Сент пак излегува 17 години, 47 броја со многу интересни теми, тематски броеви, преводи и многу значајно со книжевни интервјуа. Имаме убав круг читатели, луѓе кои ја ценат нашата работа, одлична соработка, посебно со Македонија, повторно ќе ја споменам, ги објавивме сите позначајни современи македонски поети од Гане Тодоровски до Лидија Димковска, Мартиновски, Прокопиев и сл. Сент е многу ценето и барано во книжевните кругови како референца, посебно неговите тематски броеви. Ќе ја споменам и школата за креативно пишување, што ја водам веќе неколку години, која е апсолутно бесплатна, а од која излегоа навистина неколку добри нови книжевни имиња. Од нив многумина веќе имаат и свои книги и на тоа сум посебно горд, затоа што сметам дека тоа е и мојата мисија, да го пренесам знаењето и искуството на помладите и да им помогнам да се пробијат на културната сцена.

Бевте гостин на фестивалот на европска литература Букстар, чие годишно мото е Taboo or not taboo и имавте интересно тврдење дека во денешно време писателите не пишуваат за табу теми. Верувате во тоа?

  • Да, тоа е моја теорија што лесно можам да ја докажам, како што некој научник може да докаже некоја своја теорија во лабороторија. Јас тврдам дека денешните писатели се калкуланти, дека кога пишуваат калкулираат или пресметуваат што да напишат, за тоа потоа да дојде и да допре пред се’ до одреден центар на моќ, да му се допадне на некој извор на моќ, односно на средства. Многу од авторите предвреме избираат тема за која ќе пишуваат песни, романи, раскази, притоа калкулирајќи кој ќе ги прочита. Еве ви едноставен, прост пример. Ако во Луксембург, која е најмалата европска земја се руши парламентарниот поредок и нивното државно уредување, веднаш ќе најдете стотина писатели кои ќе потпишуваат петиции, декларациии и слично, за да се зачува демократскиот или уставниот поредок на таа земја, ќе напишат и уште толку дела. А знаете зошто?! Затоа што таму близу се сите фондови и фондации од кои сите ние на некој начин добиваме средства. Но, кога во Египет, која пак е една од најстарите цивилизации на светот, се случуваат кошмари, никој не пишува прогласи, петиции и слично. Јас сметам дека како поет и писател можам да пишувам и да ги бранам основните човекови права, да се борам за слободата, но сметам дека не треба да се мешаме во нечие државно уредување. Ист е примерот и со Кина. Знаете на еден голем кинески поет кој важел за гласноговорник на вистината, една новинарка му рекла „во вашата земја има цензура“, на што тој одговорил: „да, има и треба да има“. Истото го тврдам и јас. Можете да зборувате за права, слободи, демократија и слично, но кога веќе пишувате и говорите јавно, влегувате во сферата на јавниот говор и дискурс, цензура треба да има, треба да има цензура и кога повикувате на насилства, убиства, омраза и слично. Затоа мислам дека денешните автори се калкуланти, дека не ја кажуваат вистината в очи. Можеби не се сите такви, но секако поретки се оние кои зборуваат и пишуваат за вистината.

Познавате некој таков?

  • Да, го гледам во огледало секој ден додека ги мијам забите (хахаха)

Александра Јуруковска

You May Also Like