Македонија го избра својот претставник за Евровизија 2011 . Влатко Илиевски со неговата Русинка, ќе настапи на 56-то издание на Евровизија 2011 во Дизелдорф (Германија), од 10-ти до 14-ти мај 2011 година.
Со не толку евровизиски певливата „Русинка“ успеа да ги собере гласовите од публиката и 15 членото жири, составено од музичари и новинари од неколку медиуми. Песната Русинка од телевоутингот освои 3054 гласа, додека жири комисијата одлучно даде 12ка или вкупно 619.
Освен оваа награда организаторите оваа година доделија уште неколку награди . Второпласираниот Мартин Србиновски со „Рам там там“, како и третото место – групата Офсајд, со песната „Секој ден летово“ ќе ја претставуваат Македонија на фестивалот „Сунчане скале“ во Херцег Нови (Црна Гора).
За прв пат годинава беше доделена и наградата Најдобра вокална интерпретација „Тоше Проески“ во вредност од 1000 евра, која ја освои Лидија Кочовска, а за посебен придонес за фестивалот како и македонската музика постхумно беше награден Драган Ѓаконовски – Шпато.
Покрај 20-те изведувачи , во ревијалниот дел на сцената во Универзална сала ги видовме и светски познатиот перкусионист Зоран Маџиров, минатогодишниот претставник на Евровизија во Осло – Ѓоко Таневски, заедно со Били Ѕвер и Дамјан Пејчиновски, доајенот на македонската забавна музика Драган Мијалковски, хрватското женско трио Феминем, и за крај момците кои ја направија вистинската забава – Суперхикс.
Оние кои освоија награди заминаа задоволни на прославата, а останатите со критики за се она што се случуваше во Универзална сала. Сепак ова е избор за песна, а не изведувач. Напротив, и годинава го покажавме македончето во нас, па повторно следеа безброј технички пропусти, проблеми со матриците и телевизискиот пренос, и секако изборот на најдобрата песна која ќе може да ги освои срцата и гласовите на Европа. Се на се, Македонската телевизија годинава се потруди сето ова да изгледа “светски”. По фестивалот, организаторите ги поканија на мала прослава и частовка изведувачите и новинарите, каде од добрата организација останаа само празните новчаници на новинарите.
Не толку афирмирани изведувачи, и дебитанти кои се претставија на сцената покажаа добри вокални способности, а песните освојуваа уште од прво слушање, а се најдоа меѓу последните во конечната листа на гласови, е уште едно прашање колку во Македонија компетентните музичари како и публиката имаат познавање од добра музика.
А за тоа дали Русинка е вистинскиот избор на песна која ќе може да не претстави во најдобро светло во Дизелдорф ќе следат безброј коментари и критики. Останува само да му посакаме среќа на Влатко Илиевски , да даде се од себе и да се потруди да не претстави во најдобро светло на Евровизија 2011.
Христина Панева