На 129-иот состанок на Бордот на „Еуримаж“, што се одржа во периодот од 11-13 декември во Дубаи, паралелно со Филмскиот фестивал во Дубаи, беа донесени неколку битни одлуки во врска со финансирањето на нови филмски проекти, одобрените грантови за дигитални кина и формирањето на нова дистрибутерска политика, а кои се однесуваат и на Република Македонија.
Од предложените 30 филмски проекти за финансирање, беше одлучено 17 да ја добијат финансиската поддршка на „Еуримаж“,, а меѓу тие 17 е и македонскиот проект под работен наслов „Лазар“ што ќе биде во режија на Светозар Ристевски, и е ко-продукција на „Small Moves“ од Македонија, „MP Filmska Produkcija“ од Хрватска и „Arizona Productions“ од Франција. „Еуримаж“, во филмот на Ристевски ќе учествува со 170.000 евра, односно 15,5% од вкупниот буџет на филмот. Инаку „Лазар“ досега финансиска поддршка има и од Филмски фонд на Р. Македонија (500.000 евра), од Хрватскиот аудиовизуелен центар (100.000 евра) и од бугарскиот Национален филмски центар (150.000 евра).
Годинава „Еуримаж“ финансираше и други два проекти во кои се вклучени македонски продуцентски куќи – српскиот „Споменик на Мајкл Џексон“ во режија на Дарко Лунгулов, во кој ко-продуценти се и македонските „Dream Factory“ и „AKA Film,“ и бугарскиот „Пресуда“ во режија на Стефан Командарев, во кој и „Sektor film DOOEL“ е еден од ко-продуцентите.
Што се однесува до програмата на „Еуримаж“ за дигитализација на кината, односно за финансирање и набавка на дигитална опрема за кино-сали, и тука Македонија доби поддршка на овој последен состанок на „Еуримаж“. Битолскиот Центар за култура, кој е член на „Еуримаж“ мрежата од 40 европски кина, следната година ќе добие финансиска поддршка за набавка на дигитална опрема согласно правилникот на „Еуримаж“.
На состанокот во Дубаи, Бордот на „Еуримаж“ ја усвои и новата програма за дистрибуција на европски филмови што ќе почне да се применува од 2013 г., а беше подготвена од независна консултантска куќа. Краен рок за пријавување на дистрибутерите за финансиска поддршка за следната година ќе биде 22 април 2013 г, но од оваа можност, како и од сите други програми за финансирање во иднина, ќе бидат изземени пет дистирибутерски компании – три македонски и две српски – кои во претходните години не ги почитуваа правилата на „Еуримаж“ за дистрибуција, ниту пак ги вратија средствата што им беа доделени за таа цел.
Со фондот на „Еуримаж“ управува Борд составен од 36 претставници на земјите-членки на оваа европска организација. Македонски претставник во Бордот на „Еуримаж“ е м-р Мими Ѓоргоска-Илиевска, директорка на Кинотеката на Македонија. Бордот ја одредува политиката на фондот и условите под кои ќе бидат доделени финансиски поддршки.
„Еуримаж“ е европски филмски фонд основан во 1988 г. од Советот на Европа, со цел да ја промовира европската филмска индустрија преку поддршка на европски филмски проекти, соработка помеѓу филмски професионалци и дистрибуција на европски кинематографски остварувања. За таа цел „Еуримаж“ има формирано четири финансикси програми (фондови) за финансиска поддршка на ко-продукции(1), на дистрибуција на филмови(2), на кино-сали/кино-мрежа(3) и на дигитализација на кино-сали(4) кои што се членки на мрежата на „Еуримаж“.