Неодамна ИК „Маска“ од Скопје ја објави книгата „Кинеење (кино живеење)“ – филмски критики на новинарот Тони Цифровски.
Во поговорот на книгата, Тодор Кузманов ќе запише: Она што авторот Тони Цифровски го прави посебен во овој домен е компаративниот метод кој всушност покажува колку лесно и суверено тој ја владее и се движи низ материјата што ја обработува. Имено, тој никогаш не пропушта да ги спореди актуелните оставрувања (режиски, актерски, кинематографски) со некои други поранешни остварувања на истите филмски творци, доплнувајќи ја така сликата на нивното творештво. Се разбира, тоа го може само човек што доследно и предано во подолг временски период ја следи светската филмска продукција, посветено, аналитично и студиозно“.
„Кинеење“ спдржи избор од шеесетина филмски критики што Тони Цифровски ги создава во период од четири години, а се објавувани во дневниот весник „Дневник“. Собрани на едно место, рецензиите ја надополнуваат празнината од стручна литература за филмот кај нас. Дебитантската книга на Цифровски наскоро треба да има и официјална промоција.
———————————————–
Тони Цифровски е долгогодишен новинар и водител во Македонската радио-телевизија, во моментов уредник на Редакцијата за култура и уметност на Mакедонското радио-Радио Скопје. Неговата дневна емисија од областа на културата „Културна клучалка“ бележи, за македонски услови, импозантна бројка од 2200 емиси во континуитет.
За документарната радио-емисија „Симон Трпчески – од малата собичка до големите светски сцени“ во јули 2006 година беше номиниран за престижната награда „При Европа“.