Виолинистот Јован Колунџија и „Гудачите на Св. Ѓорѓе“ нaстапуваат вечерва на програмата на „Охридско лето“ …
Познатиот српски виолинист Јован Колунџија заедно со гудачите од „Св. Ѓорѓе“ вечерва во рамките на „Охридско лето“ ќе имаат целовечерен концерт во катедралната црква „Света Софија“, каде ќе изведат Концерт за виолина и оркестар во Е-дур на Бах. Повеќе од две децении трае соработката на ансамблот „Гудачите на Св. Ѓорѓе“ со Колунџија, а оваа вечер на сцената фестивалската публика во Охрид ќе можат да го чујат и познатиот тенор Зоран Тодоровиќ.
Истакнатиот српски виолинист Јован Колунџија – омилениот ученик на прочуениот Хенрик Шеринг – изгради светска кариера со над четири илјади концерти. Колунџија е основач на Центарот на убавите уметности во Белград „Гварнериус“ (според неговата виолина изработена од мајсторот Гварнери во 1754 год.) кој се занимава, меѓу другото, со промовирање и насочување на млади таленти. Колунџија е добитник на бројни домашни и меѓународни награди и признанија за неговата уметничка и педагошка дејност.
Камерниот оркестар „Гудачите на св. Ѓорѓе“ е формиран во 1992 година на иницијатива на поранешните ученици на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја и професорот Петар Ивановиќ. Во периодот на неговото постоење во овој уникатен ансамбл учествaaт повеќе генерации еминентни уметници. Концертот со „Гудачите на свети Ѓорѓе“ во Белград беше прогласен за најдобар концерт на сезоната, а операта „Парсифал“ во продукција на Фламанската опера е прогласена за најдобра продукција во 2013 година.
На програмата на вечерашниот концерт што ќе почне од 21 часот се дела на Бах, Верди, Пучини и Тости.