„Три“ на Саемот на книгата

Издавачки центар ТРИ на овој Саем на книгата ќе ги претстави книгите од Исидора Бјелица, Елиф Шафак, Марко Чаласан и други.

stack-of-books

Со цел да ги задоволат различните вкусови на читателската публика, како и на различните групи читатели, од 7 до 14 април, подготвуваат многу нови наслови, гостувања, промоции, подароци и изненадувања.

Исидора Бјелица е специјален гостин, промовирајќи ја својата нова книга Спас, која само во Србија се продаде во над 200.000 примероци, читателите ќе имаат можност да присуствуваат на неповторлива, лична и во прво лице средба со авторката на 8 април, од 18 часот. Длабоко лична исповед, оваа книга е поинаква од сè претходно – емотивна, но и со многу хумор и самоиронија, збогатена со практични совети како човек да се избори со најтешкото искушение – смртта.

Листата на најавтори ја надополнуваат со новиот роман на Елиф Шафак – најмоќниот женски глас на светската книжевна сцена. Оваа турска авторка со своите дела мајсторски ја меша традицијата на Истокот и на Западот, модерното и традицијата, притоа гласно залагајќи се за женската перспектива, портретирајќи силни женски ликови. Чест, нејзиниот најнов роман, е моќно дело за љубовта, предавството, честа и судирот на културите. Ален де Ботон, со своето хумористично, игриво, забавно, на моменти филозофско четиво Огледи за љубовта, за првпат ќе и’ биде претставен на македонската публика. Романот, кој според Ентони Борден е убедливо најдобриот роман за кулинарскиот свет на сите времиња, Патување во 100 чекори на Ричард С. Морејс, ќе ги одведе читателите на интересно, неодоливо гастрономско патување преку Мумбај до кулинарската елита во Париз. Веќе докажаниот Франсеск Миралјес го претставуваме со неговиот роман Најубавото место на светот е тука, во кое, како и во неговите претходни дела, ни нуди инспиративна, романтична и мотивирачка приказна.

Домашната библиотека читателите ќе можат да ја збогатат со нови наслови од областа на здравјето и здравото живеење, како Вистини и лаги за исхраната од Анита Шупе, како ултимативен водич низ тајните и митовите за современата исхрана. Краток водич за долг живот од Дејвид Б. Агус и Тајните на луѓето што никогаш не се разболуваат од Џин Стон се само уште некои од насловите што ги препорачуваме.

Бизнис литературата е уште еден сегмент со нови одлични наслови – Мисли и збогати се од Наполеон Хил, ултимативна книга за бизнис успех, антологискиот прирачник за стратегии и тактики Умешноста на војувањето од Сун Цу и исклучително корисната Моќта на позитивното мислење во бизнисот од Скот Вентрела.
Младата книжевна сензација Марија Јаневска, која со својот првенец Белешките на Лајла Грејс ја размрда домашната книжевна сцена, ќе бидегостинка, како и македонскиот ИТ вундеркинг, Марко Чаласан, кој ќе ја промовира својата книга Прирачник за Windows 8 на 10 април, од 18 часот.

Со над 400 објавени наслови, од сите жанрови и стилови, секоја од едициите на ТРИ ќе биде достапна по саемски цени, на тој начин овозможувајќи им на сите читатели да си ја состават својата домашна библиотека од соништата.
Во знакот на добрата книга, оваа година се организираат Книжевни избори – преку гласање за избор на најдобрата книжевна опција, читателите ќе имаат можност да го дадат својот глас за насловите и авторите кои најмногу ги задоволуваат нивните книжевни вкусови.

You May Also Like