Романот „Комо“ од Срѓан Валјаревиќ на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје деновиве го објави романот „Комо“ на српскиот писател Срѓан Валјаревиќ, во превод од српски јазик на Ленче Тосева. „Комо“ е меѓу најчитаните и меѓу десетте српски романи во едицијата „Сто словенски романи“.

„Комо“ е награден и со  француската награда Prix des lecteurs du Var за 2011 година; пет години по појавата има девет изданија на српски јазик и е преведен на француски, германски, англиски, италијански, словенечки, бугарски, албански, шпански и шведски.

Приказната е автобиографска, а се однесува за писател кој добива книжевна стипендија и престој во „Вила Маранезе“ на монденското езеро Комо во Италија. Тоа е приказна со реминисценции на авторот, но и приказна за крајот на 20 век; за прогонствата, изгубените генерации, желбите, можностите, пороците, судбините… Оценет е како остар и ироничен, непосреден и интересен роман.

Срѓан Валјаревиќ (1967) ги објавил: книгата поезија „Џо Фрејзер и 49+24 песни“, прозната книга „Зимски дневник“ и романите „Лист на корката леб“, „Луѓе на маса“, „Дневник на друга зима“ и „Комо“. „Дневник на друга зима“ (2005) беше вклучен во десетте најдобри романи во југоисточна Европа, а беше награден и со српски книжевни награди. Негова проза и поезија се преведувани на англиски, германски, француски, шведски и италијански јазик.

Успехот на неговата проза критиката го поврзува со стилот и пристапот во раскажувањето – Валјаревиќ раскажува меланхолично и интимно, со искрена непосредност со која ги освојува читателите и најчесто на исти теми: за осаменоста, егзистенцијата, скромноста, интимните ужаси и успеси.

You May Also Like