Романот „Дваесет и првиот“ на Томислав Османли, добитник на наградата Роман на годината на „Утрински весник“ и македонски кандидат за наградата „Балканика“, неодамна излезе од печат во издание на реномираното црногорско книгоиздателството ОКФ („Отворен културен форум“) од Цетиње.
Црногорската објавата на македонскиот роман се појавува под насловот „XXI: книга на фантазми“. Преводот на книгата го потпишува Марина Ѓуровиќ-Маркоска.
Еден мал, симболичен дел на македонскиот роман бил отпечатен кон почетокот на март годинава, за црногорското претставување на меѓународниот Саем на книгата во Лајпциг на кој, покрај романот на Османли, биле презентирани и промовирани неколку најнови изданија на цетињското книгоиздателство ОКФ. Сега романот се објавува во својот комплетен тираж.
Излегувањето од печат на романот на Томислав Османли, како што известува претставникот на ОКФ Горан Мартиновиќ, во Црна Гора е проследено со објави низ сите медиуми. Објавата ја содржи деталната и разновидна авторска биографија на Томислав Османли, дел од која е отпечатена и на задната корица на книгата.