Роман од рускиот писател Вјечеслав Купријанов на македонски јазик

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Вашето Височество Животно“ на рускиот писател Вјечеслав Купријанов.

Во романот на Купријанов се зафаќа со цивилизациските и антицивилизациските димензии на човештвото, односно на нечовештвото. Тоа е роман на пародијата и алузијата. Во него е опишано тоталното оѕверување или оживотнорување, а во пародиска смисла тоа е очовековување на животинскиот свет – процес што, како што пишува авторот, во современото време оди кон својот победоносен крај. Во Русија романот е окарактеризиран како наследник на „Шинелот“ на Гогољ, каде што главниот лик се појавува по два века и во поинаква облека и со променета човечка душа. Целосната преобразба на човештвото во животински свет се манифестира во сè со што се сретнува човекот во таканаречената современа цивилизација. Токму затоа романот „Вашето Височество Животно“ се смета за директен потомок на „Шинел“ од Гогољ.

Вјачеслав Купријанов (1939, Новосибирск) е реномирано име во современата руска литература – поет, прозаист, преве¬дувач, универзитетски професор. Поголемиот дел од неговите дела се објавени на германски јазик, а е преведуван и на полски, македонски, српски, италијански, бугарски, тамилски, англиски. Добитник е на неколку меѓународни награди, меѓу кои: награда на Фестивалот на поезијата во Гонези (Италија 1986); Европската книжевна награда во Југославија (1987); Македонското книжевно жезло (1998); Наградата Владимир Соколов (Москва, 2002); Награда на Министерството за образование и култура во Австрија за книжевен превод (2007); Меѓународната награда „Бранко Радичевиќ“ (Србија 2006); Меѓународната награда „Моравска писменост“ (Србија 2008); Бунинска награда (Москва 2010).
Неколку пати бил учесник на Струшките вечери на поезијата.Член е на рускиот ПЕН центар.
Автор е на многу дела, од кои позначајни се: Од прво лице (поезија); Животот тече, (поезија); Домашни задачи (поезија); Ехо (поезија); Договорете се (поезија); Подобри времиња (избор поезија); Суров ракопис (роман, објавенен на германски јазик); Обувката на Емпедокле (роман, објавен на германски и на хрватски); Орден на Поларните ѕвезди, (раскази); Шари на бамбусовата покривка (прозни минијатури – објавен на руски и германски); Сината Наметка на Вселената или Вашето Височество Животно (роман, преведен на германски и хрватски јазик); Во таинствениот центар (раскази, на германски јазик).
Живее и работи во Москва.

You May Also Like