Промоција на монографијата „Минералите од Република Македонија…“ во МАНУ

Во Македонската академија на науките и уметностите, утре (среда, 21 ноември 2012) со почеток во 11:00 часот, ќе се промовира монографијата под наслов Minerals from the Republic of Macedonia with an Introduction to Mineralogy (Минералите од Република Македонија со вовед во минералогија).

Монографијата е дело на дваесетгодишна континуирана и систематска работа врз собирање, изучување и идентификација на минералите од Македонија од страна на авторите Глигор Јовановски, Блажо Боев и Петре Макрески. Монографијата е напишана на англиски јазик и во себе, покрај другото, содржи краток вовед во минералогијата, потоа опис на четирите геолошки зони во Република Македонија и на вкупно 66 локалитети во Републикава од кои се собрани минералите, како и комплетен опис на 80­-тина изучени и идентификувани минерали, а наведени се и 50-­тина минерали што допрва треба да се соберат и изучат.

Станува збор за уникатна научна и популарна монографија којашто целосно е печатена во боја и содржи околу 750 ексклузивни фотографии на минералите. Изданието е наменето за запознавање на светската и домашната научна и стручна јавност како и на сите други ентузијасти и заинтересирани лица со непроценливото природно минерално богатство на Република Македонија. Покрај другото, монографијата се очекува да послужи и за популаризација на фирмите кои се занимаваат со експлоатација на минералното богатство во нашата земја, а ќе претставува и полезна литература за студентите кои изучуваат дисциплини како што се геологија, рударство, геохемија, минералогија, кристалографија, кристалохемија и слично.

Инаку, досега собраните и изучени минерали вклучени во монографијата се дел од Збирката на минерали по потекло од Република Македо­нија што е поставена на Институтот за хемија при Природно-­математичкиот факултет во Скопје. Во Македонија, постојат и неколку други некомплетни збирки на минерали, како што се онаа на Факултетот за природни и технички науки во Штип и при Природно­-научниот музеј во Скопје.

You May Also Like