Познати демо-бендовите за третиот „Т’к Так Фест“

„Т’к Так Фест“, фестивалот посветен на прерано починатата македонската рок легенда Трајко Каров, и оваа година ќе ја продолжи мисијата на својот патрон, промовирајќи седум демо бендови, од кои дел за прв пат на 30ти август ќе ја почуствуваат магијата на големата бина.

t'k_tak_fest_poster

Селекционата комисија на „Т’к Так Фест“ составена од врвни македонски рок музичари и критичари и годинава имаше сериозен предизвик при одбирањето на бендовите, за сепак на крајот да бидат одбрани седум бендови, кои ќе понудат авторска музика, и тоа во повеќе рок стилови.

„Задоволство ни е што годинава имавме голем интерес за учество на фестивалот, факт кој самиот по себе говори дека демо бендовите во фестивалот препознаваат одлична можност за промоција на својата авторска музика на голема сцена, но и можност за соработка и дружење со врвни имиња од македонската музичка сцена“ – вели во изјавата за медиумите Дано Белевски од организациониот одбор на фестивалот.

„Конкурсот и официјално заврши во петокот, по што селекционата комисија до организациониот одбор ја достави листата на демо бендови кои ќе се натпреваруваат за првите три места на фестивалот кои носат соработки со врвни македонски музичари и продуценти, Зоран Алексиќ, Јордан Манов и Гени Каревски, но и Гран При наградата „Трајко Каров“ која фамилијата Карови ја доделува на најдобриот тапанар, а е во вредност од 30000 денари. На листата на демо бендови кои годинава ќе се најдат во натпреварувачкиот дел се седум бендови, и тоа: Slave Pit, Оловна Рестрикција, Jump, Switch, The Author, Nine Weeks и Chromatic Point“ – завршува Белевски.

За потсетување, третиот „Т’к Так Фест“ годинава ќе се оддржи на 30ти август, на градскиот базен „Ал Пачино“ во Кавадарци со почеток од 21 часот, а покрај демо бендовите, публиката ќе има можност да ужива и во настапите на „Џоа Бенд“, минатогодишните победници „Ептен“, веселата новинарска дружина „Репортерс“, мега ѕвездите „Нокаут“ и DJ Freak и DJ Lako.

You May Also Like