Објавена книгата „Бугарски народни приказни“

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави книгата за деца „Бугарски народни приказни“, раскажани од Ангел Каралијчев, а во превод од бугарски јазик на Ленче Тосева.

Bugarski narodni prikazni - predna korica

Книгата содржи 32 народни приказни, избрани од богатиот опус обработени приказни на Ангел Каралијчев, кој во бугарската литература е познат како голем мајстор на авторизирани приказни, легенди и сказни за деца. Во неговите приказни централно место зазема карактерно-етичката проблематика, при што доминира доброто како смисла и како цел на човековиот живот. Познат е како слаткоречив, суптилен и луциден раскажувач за кого светот на детето е и останува најголемиот простор за творештвото. Тој е живописецот на бугарската литература, а лирско-експресивниот слог, сликовитиот јазик и психолошкиот мотив на дејството, на постапките и на доживувањата го издигнуваат во најдобар раскажувач во бугарската литература за деца.

Неговите книги се преобјавувани во големи тиражи во Бугарија, но и се преведувани на други јазици. Доминантен мотив во изборот на приказните на ова издание на македонски јазик е народната мудрост.

You May Also Like