Објавена книга афоризми од Атанас Крлевски

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје, неодамна ја објави книгата со афоризми „Крлук“ на македонскиот афористичар Атанас Крлевски. Книгата содржи близу четиристотини афоризми поделени во три циклуси, а е објавен и поговор од Ана Витанова Рингачева.

KRLUK_predna korica

„Мислите во `Крлук`, пишува Рингачева, се сериозни, длабоко обмислени и промислени, напати мачни и непожелни за читање и слушање, но длабоко вистинити и суштествени. Тие засмејуваат, замислуваат, заведуваат, залажуваат, но пред сè и над сè отрезнуваат и освестуваат, тогаш кога нашата мисла заборавила на чија ливада пасе и тогаш кога нашата нога крадешкум фаќа друг пат… Во Крлук Атанас Крлевски грубо без формалности и нежности го допира сензибилитетот на епохата во која битисуваме, сакајќи да ги долови сите човечки малодушности и паѓања во мoментите кога желбата за бегство од реалноста е најсилна. Она што воодушевува во Крлук е силната симбиоза на текстот и контекстот, на она што авторот сака да го каже, но и одгласот на кажаното. Афоризмите на Крлевски ја цитираат стварноста, читателот има чувство дека тоа се негови зборови, едноставно читателот ја добива улогата на коавтор и со тоа го добива правото да ги цитира истите за свои потреби“, пишува Витанова Рингачева во поговорот.
„Крлук“ е трета книга со афоризми на Атанас Крлевски. Претходно ги објавил „Крлевизми“ и „Окрлавени мисли“. Атанас Крлевски (1956 година – Ташкент, Узбекистан, живее и работи во Велес) афоризми пишува три и пол децении, автор е на многу антологиски афоризми, наградуван е во земјата и во странство и е застапуван во меѓународни антологии. Објавувал во „Остен“, „Студентски збор“, „Млад борец“, „Македонски остен“, а денес соработува во повеќе печатени и електронски сатирични списанија и потрали во земјата и во странство. Меѓу другото, застапен е во неколку антологии со афоризми објавени во земјата и во странство. Член е на балканското здружение на афористичари. Добитник е на неколку награди за афоризми.

You May Also Like