„Ноќ во Париз“ на програмата на „Охридско лето“

„Ноќ во Париз“ со уметниците Габриел Такино, Џанлука Белфиори и Маурицио Морети на „Охридско лето“…

Sveta_Sofija_OhridskaВљубениците во класичната музика вечерва во рамки на „Охридско лето“ ќе можат да уживаат во тематската „Ноќ во Париз“ во атриумот на црквата „Света Софија“ што ќе им ја доловат уметниците на пијано Габриел Такино и Маурицио Морети, заедно со неповторливиот глас на контратенорот Џанлука Белфиори.

За кариерата на Такино може да се каже дека откако бил поканет од страна на големиот Херберт фон Карајанц да свири со Берлинскиот симфониски оркестар и Филхармонискиот оркестар на миланската „Скала“, на Виенскиот фестивал, таа постојано бележи нагорна линија, овозможувајќи му соработка со повеќе големи оркестри и реномирани диригенти во најпрестижните сали во светот. Габриел Такино е основач и уметнички директор на фестивалот „Лж нуи ду Суке“ (Les Nuits du Suquet) во Кан. Неколку години предавал на Националниот конзерваториум за музика во Париз, а од 2006 до 2008 год. и на Националниот универзитет за уметности во Токио. Се појавува и како член на жири-комисиите на повеќе интернационални натпревари. Освен како солист, Габриел Такино настапува и во камерни состави.

Благодарение на својот уникатен глас и шармот кој го поседува на сцената, Џанлука Белфјори Доро настапувал на голем број значајни фестивали низ светот. Интерпретирал главни улоги во голем број познати дела на Моцарт, Глук, Вивалди, Хендл и други автори. Соработувал со голем број реномирани музичари и режисери. Белфојри во текот на својата кариера развил богата концертна активност со голем број барокни ансамбли и камерни оркестри. Последните неколку години значајна е неговата соработка со Маурицио Морети. На нивниот репертоар се наоѓаат француски и германски соло-песни од Шуберт, Моцарт, Шуман и други.

Маурицио Морети е редовен гостин, речиси, во сите престижни сали во повеќе европски земји. Како еден од најистакнатите претставници на италијанската пијанистичка школа, настапувал со голем број оркестри (Европскиот камерен оркестар, Киевската филхармонија, Прашката филхармонија, Унгарската филхармонија…). Се школувал на Конзерваториумот во Каљари под менторство на Ида Алегрето, а подоцна и под менторство на Алдо Чиколини. Учествувал на големите интернационални музички фестивали во Франција, Австрија, Италија, Шпанија и други, а за неговиот тамошен успех сведочат и неговите повторни настапи следните години на истите фестивали. Моментално работи како уметнички директор на Интернационалниот фестивал за камерна музика во Каљари и како уметнички директор на џез-фестивалот „Енте музикале оф Нуоро“(„Енте Мусицале оф Нуоро“).

На програмата на вечерашниот концерт чиј почеток е закажан за 21 часот се композиции на Равел, Пуланк, Масне, Сати, Мијо и Дебиси.

You May Also Like