Со поддршка од Министерството за култура, се продолжува со конзервацијата и санацијата на црквата „Св.Никола“ во село Манастир, Мариово …
Заради адекватна заштита и презентација на овој значаен споменик на културата од 11 до 13 век, стручните екипи на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп во изминатиот период изработија опсежна студија за конзерваторско-реставраторските зафати на фрескоживописот и за архитектурата на објектот. Во рамките на заштитата интензивно се работи на конзервација на фрескоживописот, како и на конструктивна консолидација на темелите при што ќе се извршат и археолошки истражувања на црквата „Св. Никола“.
Црквата „Св. Никола“ во селото Манастир е подигната во 1095 година, а денешниот изглед го добила во 1266 година. Според архитектурата, претставува трикорабна базилика и е еден од најзначајните споменици на културата од византискиот период кој содржи извонредни фрески, какви што се „Св. Богородица со ангелите“ и „Св. Никола“. Ваквиот тип сликарство, кој е многу редок, е застапен само во црквата во Курбиново и во „Света Софија“ во Охрид.
Според археолозите, историјата на манастирот се дели на две етапи. Во првата е конституиран монашкиот живот, а во втората од крајот на 14 и почеток на 15 век, манастирот прераснал во развиен цивилизациски, економски, културен и духовен центар на Мариово.