Македонското научно друштво – Битола денеска одржа чествување за професорот и фолклорист Илија Алушевски, еден од основачите на фестивалот „Илинденски денови“ во овој град и познат собирач на македонски народни песни.
Повод за културниот собир во Битола беше 10 годишнината од смртта на Алушевски, кој како истакнат член на МНД-Битола посебно остави белег во областа на фолклористиката, истакна Добре Тодоровски, заменик претседател на МНД-Битола.
– Неговиот придонес во негување на уметноста, односно со оттргнување од заборав на многу бележити фолклорни практикувани традиции е вистински патоказ на практикување на науката на ова поле. Со творечки занес во својата научно публицитичка активност издал повеќе трудови, а автор е и на збирките народни песни „Залуде лудо полуде“ (1982) и „Цвилит коњче во гора зелена“ (1990), рече меѓу другото Тодоровски.
Илија Алушевски (1928-2004) бил професор по Македонски јазик и литература, работел во гимназијата во Кочани каде го обновил тамошното КУД „Стане Манов“, учителската школа во Штип каде ги развива драмската и фолклорната секција, работел и во техничкото училиште во Битола, а во еден период и во Институтот за фолклор во Скопје. За редовен член на Друштвото за наука и уметност во Битола бил примен во 1980 година, од каде денеска беше промовирана и идејата една културна образовна институција во градот да го носи името на Илија Алушевски.