Еснафот ја раздвижува скопската чаршија со „Боите на есента“

Денес чаршискиот еснаф ја претстави програмата и планот за работа за периодот кој следи, апелирајќи за поголема соработка со државата и локалната самоуправа, но и медиумите…

Dom na zanaetcii carsija

Младите и чаршијата – чувари на традицијата, Традиции и обичаи: Раскажи за себе, научи за другите!, Вкусови на чаршијата-Традиција мирис и вкус, Симит погача – чаршиски гастро сувенир, Градиме иднина на темелите на традицијата, Улица на зачини, Билки чај и мед, се само дел од манифестациите во рамки на „Боите на Есента“ кои започнуваат денеска во организација на Здружението на еснафи, а треба да придонесат за ревитализација на Старата скопска чаршија.

„Денеска почнува манифестацијата „Симит погача-чаршиски гастро сувенир“. Симит-погачата е оригинален производ, а да бидеме искрени најдобрата се јаде токму тука. Таа носи во себе повеќе пораки. Не е само одлика на скромност и задоволување со малку. Таа е симбол на еднаквоста, подеднакво е достапна секому, по состојките универзална, а по хранливоста ефикасна. Синтагмата леб во леб можеби најдобро може да го отслика значењето што го емитира. Таа по состав е иста тесто со тесто, а сепак сосема различна и најдобро е кога тие различности се споени во едно, кога се сфаќа дека тие не се исклучуваат и оти само заедно се ефикасни, полезни и вкусни“, рече на денешната прес-конференција претседателот на Здружението на еснафите од чаршијата, Мухедин Брава.

Духот на Чаршијата е јадрото на урбаната култура во Скопје и во земјата. Таа била и ќе биде центар на толеранцијата на соживотот, солидарноста, професионалните еснафски односи. Поради тоа, како што потенцира Брава, неопходни се вакви манифестации со кои ќе се овозможи сите тие вредности да се зачуваат.

„Соодветно на нејзината културолошка вредност Старата скопска чаршија треба да биде ударен македонски бренд, како посебен културно туристички производ во заедничко делување на сите чинители на чаршијата и засегнати страни во состав на институциите“, рече проектниот менаџер на Здружението, Соња Кушовска Трајковска.

simit pogaca

Манифестациите кои во октомври и ноември ќе се организираат во рамки на „Боите на есента“ се дел од Програмата „Еко етно Македонија – Стара скопска чаршија“. Со неа се предвидени и манифестации кои ќе се одржуваат во рамки на „Чаршиска пролет“, „Чаршиско културно- туристичко лето„ и „Чаршиска зима„ .

Од Здружението на еснафи велат дека наскоро ќе се објави конкурс за најдобра објавена новинарска сторија за Чаршијата, а ќе биде издадена и книга раскази чија тема ќе биде Чаршијата, за што веќе се разговара со македонски и странски писатели.

Занаетите во чаршијата кои подолго време замираа, полека зажувуваат со напори од сите чинители, велат од Здружението. Неопходни се натамошни заемни напори на еснафот и државата, сметаат оттаму, за натамошно зајакнување на занаетчиството. Во таа насока е и барањето од Здружението на еснафи до Министерството за култура за соодветни простории каде околу 800 занаетчии кои се во пензија без надомест би обучувале млади за одредени занаети.

You May Also Like