Се уште не стивнува еуфоријата од неодамна завршеното Европско ракометно првенство во Србија, на кое Македонија го освои одличното 5-то место. По ексклузивното интервју кое го направивме со Кире Лазаров, следува краткиот разговор со уште еден наш репрезентативец, помладиот член на ракометниот клан Лазарови, Филип Лазаров:
Cooltura.mk : Кажи ни нешто повеќе за импресиите после Eвропското првенство?
Филип: Па добро, еве се вративме овде, поминуваат денови и полека ги средуваме чувствата. Се одмараме, одвоив малку време и да ги гледам утакмиците кои што ги одигравме и дури сега сфаќам колку квалитетно сме играле и покрај неколкуте грешки кои ги направивме. Веќе два дена сме слободни и се одмараме овде во Свети Николе и ги средувам чувствата со моите родители и најблиски и веднаш потоа не чека повторно работа во нашите клубови.
Cooltura.mk : Потекнуваш од Свети Николе, твоите почетоци во ракометот беа токму овде. Кога за прв пат започна со играње и во кои се клубови имаш играно за да дојдеш до оној стадиум каде што си денес?
Филип: Од многу мал почнав да се бавам со ракомет. Бидејќи сум роден и живеев тука блиску до игралиштето и уште од кога паметам за себе бев на игралиште. Мислам дека почнав да играм од четврто или петто одделение. Најпрвин играв во училишните екипи, а после тоа отидов во еден клуб во Скопје кој веќе не постои, се викаше Македонија, па од таму во РК Металург. Потоа играв една година во странство, но пак се вратив во Металург и играв едно 3-4 години и еве ме моментално настапувам за екипата на Вардар Про од Скопје.
Cooltura.mk : Сепак на крај пак се врати во Македонија. Што е она што те приврзува овде и доколку добиеш добра понуда дали пак би заминал од Македонија за да играш некаде надвор?
Филип: Овде во Македонија има два клуба кои не смеат да се потценат. Тоа се Вардар и Металург кои и на финансиски план имаат добри тренери и вложуваат многу иако за прав напредок треба да се отиде во странство бидејќи таму се појаки лигите, појаки се и договорите и подобро е во секоја смисла. Меѓутоа додека не дојде некоја екстра понуда не би се осмелил бидејќи бев една година во странство и воопшто не е едноставно. Се гордеам на мојот брат кој еве отприлика 10 години е надвор од Македонија и успешно се носи со тоа, додека јас бев една година и не дека ми беше многу тешко, но и не е едноставно воопшто како што на многумина им наликува дека е. И пак ќе кажам, доколку добијам добра понуда секако дека да, пак би отишол поради напредок но и од финансиски причини.
Cooltura.mk : Веќе се докажавте како успешни ракометари кои потекнуваат од Свети Николе, пред неколку години се отвори и спортска сала. Мислиш ли дека ова ќе биде еден мотив плус за конечно да заживее спортот , поточно ракометот во Свети Николе и младите да тргнат по вашите стапки?
Филип: Па би требало. Свети Николе одсекогаш имало талентирани спортисти, излегувале репрезентативци, а поготово во ракометот имало младинскии сениорски репрезентативци. Треба да се отвараат школи, родителите да ги пуштат децата да спортуваат. Јас незнам што други би можело да ги направи посреќни родителите од ова што успеавме и ние. Апел до сите родители да ги запишат децата во спортски школи, не мора ракомет, само да ги тргнат своите деца од улица и да ги заштитат од сите последици кои ги улицата ги носи, бидејќи сепак како што гласи изреката: „Во здраво тело, здрав дух“. Се надевам дека ако имаат талент, со макотрпна работа ќе им се врати тродупло.
Cooltura.mk : Кире беше прогласен за најдобар стрелец во историјата на ЕП. Знам дека ова за тебе е задоволство и ти се радуваш бидејќи ти е брат, но од друга страна колку ова ти создава и притисок дека и ти мора да го постигнеш тој успех и останатите го очекуваат тоа од тебе?
Филип: Не, воопшто. Тој е и пет години постар од мене и дај боже и јас еден ден да дојдам до тоа, меѓутоа воопшто не си ставам притисок, туку оставам работите да си течат сами по себе. Тренирам максимално, се трудам максимално и ако го имам тој квалитет, ако го имам неговиот талент, се надевам дека еден ден ќе дојде и до такво нешто. Сепак овие рекорди што ги руши тој, овие награди што ги освојува значи се доказ за екстра квалитет, а тоа воопшто не е мала работа да се достигне. Да држиш рекорди на светско и на европско првенство во постигнати голови , значи СЕКОЈА МУ ЧЕСТ . Нема да биде многу лесно, но еве ветувам дека ќе дадам се од себе за да еден ден влезам и јас во таа конкуренција.
Cooltura.mk : Како наоѓаш време да направиш рамнотежа меѓу приватниот живот и кариерата со оглед на постојаните патувања?
Филип: Па добро, напорно е, меѓутоа важи она правилото- Тоа што го работиш треба да го сакаш. Јас го сакам ракометот, со уживање одам на тренинг, со уживање одам на утакмици. Иако има многу патувања, многу напорни мечови, има порази и има победи каде што прославуваме, порази после кои се негодува меѓу публиката, но јас сепак го сакам спортот, поготово ракометот и воопшто тоа не ми претставува проблем.
Cooltura.mk : Која од победите на Европското првенство но и воопшто во твојата ракометна кариера тебе најмногу ти значи?
Филип: Од ЕП ќе ја издвојам победата со Полска. Не поради тоа што Полска е квалитетен противник , не поради било кои други причини , едноставно поради тоа што сликата што ја видов после поразот со Данска беше најуживачка. По поразот со Данска, имаше ракометари што плачат, имаше ракометари што се караат, во еден момент станавме свесни што пропуштивме, да го победиме сега моменталниот европски шампион. Тоа ни отвараше врати за во полуфинале. Изгубивме така несреќно, а 10 илјади публика дојдоа да не гледаат. Тоа беше една страшна атмосфера во соблекувалната и не верував дека ќе се вратиме после тој пораз, а не чекаше утакмица за ден ипол и тоа против екстра противникот Полска и затоа не верував дека ќе се вратиме.Цело време тоа им го повторував и на моите колеги, велев: „Луѓе имаме утакмици уште за играње, без разлика на тоа што се случи, не смееме да застанеме тука.“ Излеговме со Полска и одигравме еден екстра квалитетен меч и победивме. Таа би ја издвоил како најубава победа од ова ЕП.
Вака општо имало доста победи што ми останале во сеќавање, така ќе издвојам една победа кога настапував за РК Металург против Вардар во финалето на купот. Ни се повредија неколку добри играчи, а тие од Вардар беа во форма и убедени дека ќе не победат, но по завршувањето на натпреварот од спортската сала Борис Трајковски излеговме како победници и таа ми е една од по драгите победи.
Cooltura.mk : Дали ви се случило да ти и Кире играте иста утакмица но во спротивни тимови и какво е тогаш чувството?
Филип: Ни се случило тоа досега, еднаш игравме еден против друг. Чувството треба да ја прашаме мајка ми какво беше, таа беше во публиката па после имаше шали за кого навивала, дали повеќе за мене или за Кире. Игравме, влеговме и во дуел два- три пати, но на терен не може тоа да се објасни. Кога влегуваш на терен не познаваш ни брат , ниту сестра, туку одиш да дадеш 100% и само гледаш какио да го надмудриш противникот, да излезеш попаметен од него, како да постигнеш гол и како да се одбраниш и воопшто не размислуваш кој стои наспроти тебе. Значи тие чувства се губат тотално.
Cooltura.mk : Што би бил Филип доколку сега не беше ракометар?
Филип: Глупо е да кажам дека се каам, меѓутоа кошарката ми остана како омилен спорт. Јас почнав со кошарка , но татко ми ме предомисли и тоа не на баш млади години, веќе бев 2-3 година средно кога се вратив на ракометот. Значи тогаш бев две три години во кошарката и сега од време на време ќе си размислам каде би бил сега доколку останев во тој спорт. Кога не би бил ракометар , дефинитивно би бил кошаркар. До пред 2-3 години дури и размислував да почнам пак да играм кошарка, но сега веќе е доцна и задоволен сум од она што го постигнувам во ракометот и од тоа што го заработувам и ќе се посветам 100% на ракометот за да видам колку максимум можам да извадам.
Cooltura.mk : Кои се твоите очекувања од квалификациите за Олимписките игри во Лондон и Светското првенство?
Филип: Сега сме малку под импресии од ова првенство, одигравме квалитетно и тој квалитет треба да се задржи, треба да се негува, треба дури и да го подобриме. Да видиме кај сме грешеле па нешто да измениме и додадеме . Сепак со овој квалитет што го покажавме на ова ЕП без разлика што бевме како пред наша публика, јас мислам дека можеме да парираме и можеме да ги исполниме тие сонови- Олимпијада и Светско првенство. Меѓутоа и не треба да се занесуваме бидејќи како што ние посакуваме да се пласираме, така и нашите противници ќе се спремаат дупло повеќе. Но она што е најбитно е дека нема да не потцени никој,значи веќе важиме за европска велесила во ракометот.
Се надевам на се најдобро и мислам дека ќе бидеме добро организирани и ќе дадеме се од себе и дека ќе го поминеме и баражот и квалификациите за Олимписките игри. Јас сум оптимист што се однесува на тие две прашања, меѓутоа не треба да се залетуваме. Треба да останеме мирни, да видиме кај што може да се подобри нашата игра и да бидеме спремни таму пак да го потврдиме нашиот квалитет од Европското првенство.
Христина Панева