Граѓаните се информираа за дарувањето органи

„Се чувствувам горда и охрабрена да го споделам моето несекојдневно искуство, и да ја искажам мојата огромна благодарност кон мојата мајка, која со големо срце и безгранична љубов, ми подари, не еден, туку два животи.“ Ова е дел од изјавата на Даниела Аризанковска, лице кое веќе седум години живее со трансплантиран бубрег која ја сподели со публиката на настанот „Знаеш ли?“ на кој беше промовиран и новиот број на уличното списание „Лице в лице“кој во фокусот на своето ново издание ја стави трансплантацијата и донирањето органи.

 

znaes_li_doniranje_organi_foto_lice_vLice

Настанот чија цел е подигнување на свесноста за донирањето органи како највисок чин на хуманост,беше во организација на платформата за активизам „Лице в лице“, здружението „Мактрансплант“, ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести, Националниот координатор за трансплантација д-р Аспазија Софијанова, и на кој беа присутни беа многу граѓани, доктори, студенти, имаше едукативен карактер и неговата цел беше да придонесе за поголема информираност за трансплантацијата.
-Македонија да стане држава на која ќе се посочува како позитивен пример кога ќе станува збор за неопходност од експерти од сферата на трансплантацијата, посакаа претставниците од медицинската фела на неодамна одржаната конференција на оваа тема, кога повеќето болнички координатори и директори на клиники, вклучени во процес на трансплантација, поразговараа за искуствата што ги имаат, како и за нивните предлози и погледи за идниот развој на ова поглавје.
Дел од тој тим е и д-р Игор Николов од Клиниката за нефрологија, кој им се обрати на присутните граѓани.
-За жал во последно време овој процес малку како да замре во Македонија, но, луѓето во оваа земја се толку хумани, и не верувам дека ќе биде тешко сето тоа повторно да се воспостави. Сакам да потсетам дека е многу важно да разговараме во семејството, и да ги размениме сопствените ставови во врска со дарувањето органи. Секој од нас може да биде потенцијален примател, но, може да биде и потенцијален донор. Се надевам дека и сите ние, докторите, ќе одговориме на тешката задача што ја имаме, но, секако треба поддршка и од семејствата, луѓето кои ќе се најдат во таква ситуација, да не се спротивставуваат на процесот, и да им веруваат на белите мантили, кои го носат бремето на оваа професија – рече д-р Николов, поздравувајќи ги сите кои се вклучени во процесот на трансплантацијата, нарекувајќи ги важни алки без чие присуство хуманиот чин не е возомжен.
За хуманоста говореше и Аризанковска, жената која сега живее нормален и здрав живот, благодарение на чинот на нејзината мајка.
– Со болеста се справував 15 години, и ме донесе до фаза кога мојот живот беше во фаза на гаснење. Но, тогаш, мојот создател, мојата мајка, ми подари нејзин дел од телото, функционален орган без јас не ќе можев да живеам, а со тоа, по втор пат ми дари живот. Дарувањето е хумана и света работа. Од непроценлива вредност – рече Аризанковска во своето обраќање.
На самиот настан, во центарот на Скопје, насобраните граѓани гпотпишуваа картички, со што симболично ја поддржаа кампањата за донирање органи „Дари орган, подари живот“ што здружението „Мактрансплант“ ја започна на крајот од минатата година. Волонтери, пак, на студентската непрофитна медицинска организација, ЕМСА, на промотивни штандови делеа едукативни материјали кои понудија многу факти за трансплантацијата.
На настанот „Знаеш ли?“, чиј водител беше актерот Гораст Цветковски, главната уредничка на списанието, Климентина Илијевски, нагласи дека со ова издание платформата за активизам има за цел да ги надгради нашите познавања на оваа тема и да отвори соодветна дебата.
– Целта ни е да поттикнеме на размилување и да отвориме простор за дебата зашто само со таква активна комуникација може да се оди напред во било која сфера. И на оваа тема можат да се слушнат различни мислења. Отворени сме да ги слушнеме сите, а на експертите ќе оставиме да дебатираат. Меѓу нас денеска имаме многу лекари. Тие спасуваат животи. „Лице в лице“ пак се обидува да менува животи, наш приоритет се нашите продавачи. Но, таа промена свесни сме дека не можеме да ја направиме сами. Потребни сте ни сите вие, граѓаните – рече Илијевски.
Униформираните продавачи на магазинот, овој пат имаа голема поддршка од промоторите на ова издание, првата дама на каратето во Европа, Наташа Илиевска, и овогодишна победничка и на популарното музичко шоу „Танц со ѕвездите2“, како и од актерите Гораст Цветковски и Бесфорт Идризи.
Тие безрезервно, заедмно со волонтерите на Црвен Крст, ги поддржуваа во понудата на новиот број на заинтересираните граѓани.
Новиот број на „Лице в лице“ донесува текстови за трансплантација, интервју со писателката Славенка Дракулиќ, интервју со актерот Гери Олдман, кое е објавено во „ЛвЛ“ благодарение на членството во Интернационалната мрежа на улични весници, (ИНСП), написи за значењето на неформалното образование, за активизмот, за општествената одговорност и заштитата на животната средина, и многу други содржини.
Настанот „Знаеш ли?“ се случи под покровителство на „Новартис“.

znaes_li_doniranje_organi_foto2_lice_vLice

You May Also Like