Протестен марш против неконтролираната урбанизација на охридското крајбрежје

Активисти и поддржувачи на повеќе еколошки здруженија и граѓански иницијативи утре повторно ќе го кренат својот глас против неконтролирана урбанизација на охридското крајбрежје.

Тие од Лагадин ќе маршираат до Охрид каде ќе се вклучат во протестниот перформанс што точно напладне ќе се одржи пред општинската зграда.

Мирниот протест организиран од „Охрид SOS“ и здружението „Стар Лагадин“ и поддржан од „Go green – Биди зелен“, „Фронт 21/42“ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.

Целта е да се сврти вниманието на институциите и на јавноста кон сериозната опасност Охрид да го загуби статусот светско наследство на УНЕСКО поради уништувањето на крајбрежјето со хипер урбанизација и развивање масовен туризам, во услови на дисфунционален колекторски ситем.

Организаторите на настанот бараат да престане префрлувањето на одговорноста меѓу државната и локалната власт и итно преземање на сите потребни чекори за целосно спроведување на шестата препорака на Реактивната мисија на УНЕСКО – прогласување на мораториум на сите крајбрежни и урбани трансформации на пoдрачјетo на Светскoтo наследствo, сè додека не се изработат сите релевантни плански документи и додека не се прифати соодветна правна регулатива и се воспостават ефикасни механизми за контрола.

Преку овој протест граѓаните бараат од Општина Охрид итно да се заложи за прогласување на мораториум според препораката на УНЕСКО, како и за поништување на Општиот акт за населено место Лагадин, најмалку преку стопирање на сите издадени дозволи за градење и стопирање на издавање нови и преку известување на Уставниот суд за својата заложба.

Организаторите ги повикиваат сите оние кои не се согласуваат со урбаното и еколошко насилие врз охридскиот регион, да се вклучат во протестот и гласно да упатат повик до надлежните инситуции за одбрана на автентичното природно, културно и амбиентално богатство на Охрид и крајбрежјето.

фото: SDK.mk

You May Also Like