„Танец“ доби спомен-соба

Националната установа „Tанец“ доби спомен-соба во која се изложени значајни предмети, фотографии и признанија што познатиот ансамбл ги добил за својата досегашна активност, во просториите на Институцијата.

Спомен-собата вчера (четврток, 21 февруари) ја промовираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која посочи дека  тоа е значаен проект во кој е презентиран целокупниот развој на Ансамблот од неговото основање до денес, како и сите значајни достигнувања во презентирањето на македонската култура и традиција: „Во својата културна мисија, овој колектив, кој го носи епитетот најстар и единствен државен ансамбл од ваков вид, е добитник на многу значајни награди и признанија. Ме радува и фактот што покрај плакетите, благодарниците и албумите од кои се гледаат вложувањата на претходните генерации, во спомен-собата е презентиран и еден многу значаен документ, а тоа е уредбата со која во 1949 година е основана оваа институција“ – нагласи Канческа-Милевска.

Среќен сум што „Танец“ доби ваква спомен-соба. Холовите во целата установа имаат свое руво, убавина, слика на една уметничка институција што доликува да ја има и „Танец“. Сега со чест и гордост кој било да дојде од која било страна на светот да знае дека влегува во една институција која зад себе има едно големо педигре“ – посочи директорот Зоран Џорлев.

Канческа- Милевска присуствуваше на пробата на ансамблот пред денешниот негов концерт во Прилеп, организиран во рамки на хуманитарните активности за обнова на манастирот Трескавец. Интересот на јавноста за концертот на „Танец“ во Прилеп е многу голем, а билетите се веќе распродадени.

You May Also Like