Во петокот (на 25 јануари, 2013 година), во трговскиот центар „Скопје Сити Мол“ се одржа промоцијата на прогласување на најуспешните основци-екологисти, како една од активностите на проектот “Собери ПЕТ за да добиеш(5)” – проект за намалување на стакленичките и токсичните гасови преку собирање и рециклирање на ПЕТ пластика и други видови на пластична амбалажа.
На еко-хепенингот беа доделени награди за оние училишта кои собрале најмногу пластика и учествувале во новогодишниот конкурс за скулптури од пластика.
Од страна на здружението ОРТ со мисија за обука за одржлив развој на Македонија, овој проект се спроведува во 30 основни училишта на територија на градот Скопје, со поддршка на партнерите – општините Центар, Аеродром, Карпош, Чаир и ЈП „Комунална хигиена“-Скопје. Половина од средствата за истиот се обезбедени од Програмата за мали грантови (ПМГ) на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ), а останатите се сопствено учество на општините, ЈП „Комунална хигиена“–Скопје и ОРТ.
Собери ПЕТ за да добиеш (5) е синоним за учеството на учениците во заштита на природата од која што тие ја добија благодарноста, добивајќи ја оценката (5). На настанот, за првонаградени беа прогласени училиштата од трите скопски општини: ОУ „Кочо Рацин“ од Центар, ОУ „Петар Поп Арсов“ од Карпош и ОУ „Лирија“ од Чаир. Учениците од овие училишта, во изминатиот период се потрудија да соберат најмногу пластична амбалажа од учениците од останатите училишта, за што беа прогласени и за најуспешни екологисти.
Училиштата „Петар Поп Арсов“ и „Лирија“ добија нови огласни паноа и училишен прибор, додека учениците од основното училиште „Кочо Рацин“ ќе продолжат да собираат пластика за да заработат поголеми средства. При тоа, за својот труд ќе бидат наградени со косилка за трева, со која што ќе можат да си го уредуваат сопствениот двор.
За музичкиот дел со разнолични музички точки се погрижија учениците од училиштата, кои преку игра и песна успеаа да направат овој еко хепенинг, уште од самиот почеток да биде интересен за сите посетители.
На промоцијата на најуспешните, здружението ОРТ им се заблагодари на сите ученици, наставници и директори на основните училишта, за неуморното собирање на ПЕТ пластичната амбалажа и заштита на природата.
Воедно за активното учество во овој проект, здружението ОРТ и за другите училишта, обезбеди соодветни награди, и тоа училишен прибор, пластични корпи за отпадоци, ЦД-плеери, маички, спортски топки и реквизити. Од Општина Центар, училиштето „Димитар Миладинов“, како второнаградено во оваа акција доби девет пластични корпи за отпадоци, училиштата „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ добија ЦД-плеери, додека пак „11 Октомври“ и „Ј.Х. Песталоци“ беа наградени со училишен прибор.
Целта на проектот е едукација на младите луѓе за штетноста на пластичниот отпад, како и зголемување на хигиената со примарна селекција и собирање на ПЕТ амбалажа во домаќинствата и училиштата. Општина Центар, веќе втора година по ред учествува во проектот “Собери ПЕТ за да добиеш(5)” и активно ќе продолжи да учествува и понатаму во сите еколошки активности и настани.