На сцената на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани синоќа (среда, 18.04) со концертот на етно составот „Монистра“ беше отворено деветтото по ред издание на манифестацијата „Град на културата“, чиј домаќин годинава е Кочани.
Министерката Канческа-Милевска пред присутните гости истакна дека да се биде носител на манифестацијата „Град на културата“ е навистина голема привилегија но, и одговорност.
-Со задоволство ќе истакнам дека сите досегашни носители на оваа манифестација, градовите Радовиш, Битола, Прилеп, Куманово, Штип, Велес, Кавадарци, Гевгелија и годинава и Кочани покажаа сериозна посветеност во изработката на програмите. Сите настани кои беа дел од овие манифестации беа внимателно концепирани да го задоволат вкусот на сите посетители, од сите возрасти. Радува фактот што постои тенденција на зголемен број на граѓани, кои се заинтересирани да бидат дел од овие културните случувања.
Ова треба да биде дополнителен поттик за останатите општини да понудат квалитетна и верситативна културна програма, истакна Канческа-Милевска.
Градоначалникот на општина Кочани, Ратко Димитровски во своето обраќање подвлече дека покрај жанровската различност, при креирањето на програмата се потрудиле да вметнат културна понуда и за различни возрасни категории.
– Манифестацијата веќе отвори простор и за подинамична меѓународна соработка – културна размена со збратимените пријателски градови на Кочани, како унгарскиот Сигетсентмиклош, украинскиот Перејаслав Хмељницки, бугарскиот Казанлак, хрватскиот Крижевци, што значи и претставување на Кочани како културна дестинација, истакна Димитровски.
Граѓаните на Кочани и сите љубители на културата и уметност во текот на целата година ќе може да проследат повеќе од 135 настани- театарски претстави, ревии на филмови, музички концерти, ликовни изложби, литературни промоции и многу други културни настани.