Доделени битолските „Oскари“

Во прекрасниот амбиент на ресторанот „Вавилон” во Битола, се одржа  14 тата по ред традиционална манифестација „Избор на најуспешни битолчани за 2012 година” во организација на најстариот печатен медиум, „Битолски весник”.

На гламурозното прогласување на најуспешните битолчани, присуствуваа над 650 личности од јавниот и културниот живот не само од Битола, туку и од Република Македонија, а беа прогласени најуспешните во повеќе области: естрада, спорт, култура, новинарство, здравство, стопанство, политика, невладин сектор итн., а воедно беа доделени и посебни признанија.

Најуспешен во полето на  Естрадата беше прогласен Димитар Андоновски, а наградата му ја врачи Велибор Џаровски Џаро,  во културата Петар Горко, во спортот параолимпијката Оливера Наковска- Бикова, во политиката градоначалникот на Битола, Владимир Талески. Беа доделени наградите за животно дело, на познатиот битолски адвокат Сотир Главинче, и наградата која Битолски весник ја доделува во чест на почесниот граѓанин на Битола, Ајри Демировски, авторот на песната “Битола мој роден крај”  која годинава му припадна на македонскиот интерпретатор Сефедин Бајрамов.

За најуспешна компанија во областа на стопанството, беше прогласена Битолската млекарница “БИ МИЛК”, а на кардиологот Сашко Кедев, му беше доделено посебно признание за равојот на интервентната кардиологија во Клиничката болница. На манифестацијата гостите ги забавуваа групите “Молика и Анета Мицевска ”, “Деспина” и  ексклузивците на Горила продукција поп -звездите  Тамара Тодевска и Димитар Андоновски.

Инаку, на манифестацијата на Битолски весник, која го носи епитетот “Битолски оскар”  во изминатите четиринаесет години се наградени над 400 битолчани.

You May Also Like