Отворен повик за изработка, објава и промоција на современи драмски текстови од млади автори

Театарот во креативни индустрии 2021: Скопските шепоти, крици и драматизирања! објави отворен повик за изработка, објава и промоција на шест современи драмски текстови на млади автори, млади драмски автори на возраст од 18 до 29 години. Рокот за пријавување е до 15 јуни.

Повикот е наменет за млади авторки и автори кои создаваат и имаат потреба нивните дела да бидат објавени и инсценирани; невработени или самовработени автори/авторки; авторки/автори во подем со професионално искуство или без професионално искуство вон студиите; студенти од ФДУ Скопје, Прима Скопје; студенти од сите државни и приватни универзитети акредитирани во државава кои се активни и во уметничките области; наши студенти кои студираат на уметнички и драмски академии надвор од државава. Целта е видливост и шанса за младите автори, новите генерации на драмски автори.

–Кога учествуваме на разни регионални – балкански и екс југословенски програми за размена на искуствата во современата театарска, драмска и сценска продукција и афирмирањето на истата, честопати се соочуваме со реакции од страна на нашите екс југословенски колеги кои велат и споделуваат забелешки дека во последните 40 години тие знаат само за Горан Стефановски и Дејан Дуковски, како за најдобрите и очигледно единствените драмски автори од Македонија. Ваквата состојба на нештата укажува на неприродност во континуитетот на развојот на драмското пишување кај нас, за немањето однос кон појавата, развојот, следењето, афирмирањето на новите генерации драмски автори-драматурзи; како и ретката можност новите драмски автори – нивните дела да бидат сценски поставени. Очигледно е дека вината за невидливиот континуитет на современата драма во Македонија, ја делиме неколку(мина) фактори – образовните институции, театрите и режисерите, културната политика. За среќа ваквата состојба почнува пополека, но надежно да се поместува и менува, велат од Македонскиот центар ИТИ/продукција.

Стручен тим ќе направи избор од шест највпечатливи современи драмски текстови, ќе ги објави во формат на електронска книга со пропратна локална и меѓународна дигитална промоција, ќе обезбеди авторски примероци за авторите, ќе исплати скромен хонорар за селектираните автори преку авторска агенција, ќе ги препорача на програмските тимови во театрите и фестивалите за сценски уметности во Македонија.

Можат да аплицираат лица на возраст од 18 до 29 години кои имаат лична карта и своја сметка во банка (во пријавата тие треба да испратат скенирана или фотографирана копија од лична карта). Тие треба да испратат кратка биографија со промотивна фотографија на македонски јазик и/или англиски јазик (Во ворд) и минимум еден авторски драмски текст или максимум три авторски драмски текстови (драмските текстови може да се напишани во периодот од 2010 година до 2021 година (да не се објавени во друга книга/е-книга) или да се новосоздадени во периодот на овој отворен повик.

Темите, жанровите и стиловите за драмските текстови се слободни. Драмските текстови треба да се напишани на македонски и / или англиски јазик.

Формат: Ворд документ; големина на фонт 11 или 12; стил на фонт: Тајмс њу роман – кирилица за македонски/латиница за англиски, Калибри – кирилица за македонски/латиница за англиски или Ариел – кирилица за македонски/латиница за англиски јазик. (*оваа техничка насока важи и за вашите кратки професионални биографии). Драмските текстови со назнака – Пријава на отворен повик за драмски текстови треба да се испратат на контакт -меилот macedoniancenterofiti@gmail.com

Иницијатор и организатор на проектот е Македонски центар ИТИ/Продукција, под покровителство на Град Скопје.

You May Also Like