Претставата „Несоодветно за на работа“ премиерно ќе се изведе во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид на 27.7.2019 година со почеток во 21:00 часот во рамки на овогодинешниот фестивал „Охридско лето“.
„НЕСООДВЕТНО ЗА НА РАБОТА“
Автор: Луси Кирквуд
Режија: Доналд Ворен Мофет
Драматург: Викторија Рангелова Петровска
Сценограф: Константин Трпеноски
Асистент на сцеографот: Зоран Петровски
Костимограф: Александар Ношпал
Превод од англиски јазик: Благоја Бошковски
Кореограф: Кренаре Невзати
ЕЈДАН – ЗОРАН ЉУТКОВ
МИРАНДА – ИРЕНА РИСТИЌ
ШАРЛОТ – САЊА АРСОВСКА
ГОСПОДИН БРЕДШО – ИГОР АНГЕЛОВ
СЕМ – ДАМЈАН ЦВЕТАНОВСКИ
РУПЕРТ – СТЕФАН ВУЈИСИЌ
Инспициент: Гоце Бојчев
Суфлер: Жаклина Цветковска
Премиера: 27.7.2019 – „Охридско лето“
Низ серија екстремно луцидни и, за жал, на повеќето од нас толку познати и блиски сцени од корпоративното, во случајов, медиумско секојдневие, во „Несоодветно за на работа“ Кирквуд ни дава јасна слика за симптомите на едно метастазирано општество прикажувајќи ја немилосрдната експлоатација која почнува, завршува или се прекршува врз женското тело. Како и вообичаено, и самите жени често се покорни и/или амбициозни соучеснички во борбата чија единствена цел е победа врз послабите и профит по секоја цена и во која единствената сатисфакција произлегува од продолжувањето на патријархално-капиталистичкиот тренд на концентрација и задржување на (парите) моќта и искачувањето по корпоративната вертикала.
Неколкуте искри на бунт завршуваат вешто и подло загушени од центрите на моќ (прикажани преку бескрупулозните уредници/чки) во комбинација со економските околности (класната положба) на ликовите принудени да живуркаат во постојана (полу)прекарна состојба, па и по цена и на последните ронки човечко достоинство. Конечно, исклучена е речиси секоја надеж за некакво алтернативно постоење или ослободување од стегите на системот кој успева да ги измолзи постојните и целосно да се прилагоди на новите форми на „генерирање профит“ без да изгуби од суровоста.
Во свет на неизбежна и целосна комодификација кога веќе ни е јасно дека сите имаме „своја цена“, нѐ остава со дилемата дали е само илузија тоа што понекогаш наивно се тешиме дека „барем некои работи не се на продажба“.
Ана Василева