На денешен ден: Роден е Никола Мартиноски

На денешен ден е роден Никола Мартиноски (Крушево, 18 август 1903 – Скопје, 7 февруари 1973) македонски уметник и академик . Eдна од најважните личности за развојот на македонската уметност во првата половина на XX век.

Роден во Крушево 1903 година, дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година.

Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).

По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност.

По ослободувањето на Скопје (13 ноември 1944), Мартиноски се вратил и бил иницијатор за основањето на денешното Училиште за применета уметност и бил негов прв директор сè до 1949 година, кога станал директор на новооснованата Уметничка галерија – Скопје (денес Национална галерија на Македонија), учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот.

Два пати бил избран за народен пратеник во федералното собрание на Југославија, а неколку пати бил претседател на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија). Неговите дела биле изложени и на првите повоени изложби во Југославија и странство.
Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.

You May Also Like