На денешен ден роден е Димитар Пандилов Аврамовски (с.Тресонче, 1.3.1899 – Скопје, 26.7.1963) македонски сликар, еден од најзначајните основоположници на македонската модерна уметност и нај еминентен претставник на импресионизмот.
Тој потекнува од позната зографска фамилија. Дипломирал (1924) на Државната художествена академија во Софија (Бугарија). Престојувал во Франција (Монпелје и Париз), каде што меѓу другото работел и на академијата „Гранд Шомјер“ (1928). Својата прва самостојна изложба на македонски модерен сликар во Скопје е негова (1926), а самостојно изложувал во Чуприја (1926), Скопје (1956, 1962), Монпелје (1928), Софија (1930, 1934, 1937).
До 1945 година живее во Бугарија (с. Хајредин), а потоа се вратил во Македонија и работел како ликовен педагог во Скопје. Тој е еден од основачите на ДЛУМ. Загинал во Скопскиот земјотрес на 26 јули 1963 година.
Излагал на повеќе групни изложби во Софија и во Југославија; меѓу другото на повеќе тематски и репрезентативни изложби на македонската уметност. Пандилов е претставник на жанрот битово сликарство со неговите дела што го обработуваат народниот живот и битот на македонскиот народ. Работел масла, акварели и цртежи, а жанровски се определил за пејзажи, мртви природи, портрети, актови. Во почетокот го следел академизмот со благо реалистични назнаки, а подоцна се определил за импресионизмот со елементи на експресионизам, на места со акциони потези.
Во овој дух се насликани неговите најзначајни дела во кои доминира пасторалата, поетиката на просторот, светлината, оптимистичката ведрина на атмосферата.
извор: Национална галерија на Македонија