Во издание на издавачката куќа „Три“ од Скопје, во едицијата награда „Антево перо“ од печат излезе книгата „Кумова слама“ од Славе Ѓорѓо Димоски.
Димоски е прв добитник на наградата „Антево перо“ воспоставена во чест на македонскиот великан, поетот Анте Поовски. Наградата ја доделува меѓународната манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, која го реализира и печатењето на книгата. Книгата беше промовирана на манифестацијата во Скопје и Лазарополе на 28 и 29 септември 2018 година.
Поднасловот на книгата „Патописи, дневници, записи“ упатува на различен тип пеења кои настанувале на различни места и по различни поводи во последните дваесетина години (песните се датирани и посочени се местата каде што настанувале), но сите нив ги врзува препознатливиот поетски импус на Славе Ѓорѓо Димоски.
– Во оваа стихозбирка се тематизира и смислата и богатството на севкупната македонска поетска традиција, во која името на Анте Поповски е темелен и жив кардиограм, врвна изохипса без која поетската мапа на Македонија не би била – планинска мапа, односно мапа на тешко достижни врвови. Во „Кумова слама“ Димоски покажува дека врвното начело на поезијата е да молчи додека пее; да поставува прашања наместо да дава одговори; да овозможи да ја слушнеме тишината како најсовршена хармонија, додека го слушаме срцебиењето на стихот, се вели во образложението на жири-комисијата за наградата.
„Кумова слама“ е тринаестта самостојна поетска книга на Славе Ѓорѓо Димоски.
Тој е автор на уште пет книги поезија за деца и на три книги со есеи.