Вечерва со почеток од 20:00 часот (16ти септември, петок) е отворањето на најновиот проект „Паѓа“ на Игор Сековски во Мала станица, Национална галерија на Македонија.
Ова е негова петта самостојна изложба по ред и негова прва самостојна во Националната галерија, инаку учествувал на голем број групни изложби во земјата и странство. Овојпат темата на авторот е уништувањето, дефорестацијата, дехуманизацијата, еколошката катастрофа предизвикана со умисла или без предумисла.
Според кураторката на изложбата Ана Франговска Стојановска „хуманистичко-еколошки ракурс е концептуалниот амбивалент на најновото естетско остварување на ликовниот уметник Игор Сековски. Проектот „Паѓа“ се состои од 6 дигитални принта, со нагласено хоризонтална јукстапозиција, која дава чувство на „отсечок“, на сегмент, фрагмент од нешто цело, мал наратив од микроглобалниот проблем. Сековски е автор кој еколошките прашања ги имал обработувано и досега во повеќе нивоа и со различни стилско-концепциски приоди. Во неговото творештво несомнено е влијанието на источната, поточно јапонската традиција, култура, филозофија воопшто (Сековски во Јапонија магистрирал и престојувал 3 години). Неговата фасцинација со оваа визуелна семантика, со духовната длабочина (смиреност, мистицизам, митологија, вештина и умеење да се живее, почитување и одржување на балансот со природата), а секако и односот кон дрвото (воопшто, а и преку рачната изработка на хартијата која му е особено драга и во која честопати се изразува) се всушност контратежа, едната страна од анализата на неговиот сеопфатен контекст. Главното тежиште е резок приказ на западното безумие, отуѓеноста, дехуманизацијата, уништувањето на природата и средината во која се живее, техничката заслепеност.
Преку визуелните паноптикуми во кои се презентирани препознатливи фото-монтажи на шуми, шумски прикази, пресечени и сторнирани дрвени трупци, гареж, Сековски прави еден оптички наратив, преполн со сочна и интензивна боја која треба да го емфазира „патолошкиот“ проблем на концептот. Наративот од „банален, живописен пејзаж“ полека се престорува во апстрактна претстава на „ништавило“, еден вид авторска визуелизација на патот од сè, од целото до нихилизмот на егзистенцијата. Авторовата визуелна експликација е надополнета со звук во минималистички штимунг, кој треба да биде психо-активен агенс во восприемањето на целиот идеен контекст.
Со овој проект Сековски ја заокружува еколошката предилекција во своите ликовни експериментирања и истражувања, поставувајќи се ангажирано и со став против оваа актуелна проблематика, која е ретко предмет на интерес воопшто во Македонија, а посебно минорно присутна во ликовната уметност.”