Изложба на Марко Манев со наслов „Пилот“ во Мала станица

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 16 септември 2011 година (петок), во 21:00 часот ќе се отвори изложба на Марко Манев со наслов “Пилот“.  На изложбата ќе бидат изложени слики-објекти, изработени во комбинирана техника (авто лак врз алуминиумски лим).

Комплексниот проект “Пилот“ на младиот уметник Марко Манев произлегува, всушност, од едноставна идеја – постоењето на константната можност за надминување на ненадминливите хоризонти. Парадоксалниот однос на човековиот страв од соочување со секојдневните проблеми, разочараноста од човековите слабости и недостатоци од една страна, наспроти човековиот интелект, волја, љубопитност и креативност, е фасцинантен иницијален момент за развивање на концептот што Марко Манев го истражува од студентските денови. Тргнувајќи од пошироко антрополошко гледиште, доминантноста на амбицијата наспроти инфериорноста е една од суштинските одлики на идеологијата за супериорната личност.

Непосредно алудирајќи на визуелното претставување на механички, поточно технички превозни средства (број, авион…) што се во функција на развој и напредок на човештвото, авторот го истакнува нивното место и значење во стремежот и идејата за надминување на физичките и менталните ограничувања на човекот. Во претставените дела е забележлива симболичната паралела авион – човек, во случајов паднат, скршен, поради некористењето на потенцијалот што го поседувал, со што се симболизира моќта што е потребна за откорнување на парчето од целината, а делата стануваат предупредувачки знаци за отфрлениот потенцијал. Од ликовен аспект, пак, елементот на стутканост на лимот и дава поинаква “текстура“ на површината на делото, а тридимензионалноста го потенцира поминувањето на границата слика-објект.

Идејата зад проектот “Пилот“ остава простор за различни исчитувања и толкувања. Посакуваниот триумф на суперегото има одредени допирни точки со идеологијата на Ничеовиот Übermensch, додека, пак, според рецепциската естетика на Ханс Роберт Јаус, може да говориме за надминување на хоризонтите на очекувањата (не само на публиката, туку генерално на човештвото) видливо во повеќе аспекти на исчитување на уметничкото дело.
Ангажираноста на проектот “Пилот“ произлегува од намерата што во својата суштина е хуманистичка – да се надмине состојбата на инфериорност кај човекот, кој, според Марко Манев, треба “да разбере дека во секој миг од својот живот го има изборот да го промени својот став, да направи револуција на сопствената свест и да изгради супериорен однос кон проблемите со кои се соочува“.

Марко Манев е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал во 2010 година на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек. Ова е негова втора самостојна изложба, а учествувал на повеќе групни изложби.

Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.

Изложбата ќе биде отворена до 28 септември 2011 година.

You May Also Like