„Болоња чело проект“ на Скопско лето

Вечер (вторник, 24 јули) во Музејот на град Скопје во 21:00 часот концерт ќе одржи групата „Болоња чело проект“ од Италија.

За гостувањето на Bologna Cello Project на Скопско лето 2012, младата композиторка Бојана Петровиќ ја напиша композицијата “On my grave”, инспирирана од македонската народна песна „Со маки сум се родила“.

Bologna Cello Project е формиран во 2009 година, меѓу старите ѕидови на конзерваториумот Џовани Батиста Мартини (Giovanni Battista Martini) во Болоња, како дидактички курс, инициран и развиен од професорот Антонио Мостачи (Antonio Mostacci). Репертоарот на ансамблот опфаќа оригинални композиции за виолончелистички ансамбл, како и аранжмани и обработки на познати дела од 16 до 20 век.
Повеќемина современи композитори имаат напишано и посветено дела за Bologna Cello Project. Еден од нив е и композиторот и виолинистот Диего Конти (Diego Conti), кој го напиша делото „Варијации на темата Хајди“, како и три фантазии за соло виолончело и виолончелистички ансамбл. Со овие дела Bologna Cello Project дебитираше во јануари 2009 година, посветувајќи го својот прв концерт на фондацијата “Emergency”. Исто така и композиторот Џан Паоло Лупи (Gian Paolo Luppi) напиша дело за Bologna Cello Project. Станува збор за „Писмо“, виолончело секстет со рецитатор. Имајќи ја предвид интимната врска помеѓу звукот на виолончелото и човечкиот глас, репертоарот на ансамблот вклучува и дела со вокален солист. До сега Bologna Cello Project има соработувано со неколку пејачи од актуелната италијанска оперска сцена, но и со познати џез и поп пејачи како Giulia Barozzi, Anna Maria Chiuri, Luisa Cottifogli, Rica L. Nepomuceno, Cristina Renzetti, Cinzia Prampolini и Serena Pecoraro.

На почетокот од 2010 година, ансамблот го издаде својот прв компакт диск, албумот „Арија“ (“Aria”), кој го содржи и истоименото музичко видео. Истата година,  го сними во премиерна изведба делото “L’Abbé Agathon” од Arvo Part, кое беше издадено на носачна звук под етикетата на Sheva Collection.
Ова лето Bologna Cello Project соработуваше со британската пејачка Сара Џејн Морис (Sarah Jane Morris), во текот на нејзините настапи во Болоња и регионот, при кои таа го претставуваше својот проект “Cello Songs”. Во меѓувреме, групата работи на својот втор албум, кој е составен исклучително од оригинални композиции за виолончелистички ансамбл, како “Bachianas Brasileiras” од Villa-Lobos, “La Preghiera” од Forino, и други.

Вечер на програмата освен класични композиции ќе се најдат и познати рефрени од Metallica, Led Zeppelin, Eurythmics, Beatles.

You May Also Like