Проект од македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски учествува на меѓународната интерактивна изложба „Урбани соништа“ во Центарот за современа уметност во Пловдив, Бугарија, отворена до 20 ноември 2012 година.
„Урбани соништа“ ги истражува јавните и полу-јавните простори преку перспективите на повеќе европски уметници, во кои уметноста претставува истражувачка стратегија а градот станува лабораторија. Со овој проект чиј куратор е Емил Миразчиев, изложбениот простор на Центарот за современа уметност се трансформира во архива и библиотека на (источно) европски уметнички урбани истражувања.
Попоски е застапен со документација од повеќегодишниот партиципативен уметнички проект „Јавен простор: право на градот“, фокусиран врз колективната утописка интервенција во урбаната географија на Скопје. Проектот ги истражува прашањата на сопственост на јавниот простор, како и правото на граѓаните да ја „пишуваат“ урбаната меморија.
„Урбани соништа“ претставува серија јавни настани организирани од Асоцијацијата „Уметноста денес“ од Пловдив и финансирани од Европската Комисија, како дел од иницијативата „Пловдив – кандидат за европска престолнина на културата 2019“.
Зоран Попоски (р. 1974, Скопје) реализирал повеќе од 50 самостојни и групни изложби во САД, Германија, Франција, Канада, Британија, Холандија, Турција, Македонија, Куба, Порторико, итн. Магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија. Негови јавни уметнички проекти се презентирани на ЛЕД екрани, видео билборди, постери и билборди во Њујорк, Даблин, Скопје, итн. Во своите видеа, перформанси и дигитални графики, Попоски ги истражува прашањата на идентитетот, територијата и јавниот простор.