Теориска книга за литературата за деца од Виолета Димова

Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна ја објави книгата на проф. д-р Виолета Димова „Естетиката на комуникацијата и литературата за деца“.

Во книгата авторката прецизно одговара на прашањата кои оваа литература ја прават посебна, но не поради намената на читателите – деца, туку пред сe поради нејзините естетски, етички и универзални вредности. Во неа се содржани одговорите за тоа што е потребно едно литературно дело „да му се случи“ на читателот.

Своите ставови за предметот на нејзиното истражување ги докажува врз примери од светски познатите автори и нивните дела, како што се: Ние врапчињата од Ј. Радичков, Аска и волкот од И. Андриќ, Пинокио од К. Колоди, Шеќерна приказна од С. Јаневски и Хари Потер и Каменот на мудроста од Џ. К. Роулинг.

– Речиси сите книги за деца содржат една скриена порака која се однесува на родителите или воопшто на возрасните, а тоа е дека детето е „татко“ на возрасниот човек. Во повеќето книги, како што се „Бескрајната приказна“, „Малиот принц“, како и во книгите за малиот – голем волшебник Хари Потер станува збор, всушност, за способноста на детето да го спаси светот на возрасните, кој се руши постојано поради нивните различни амбиции за пари, моќ, позиција. За среќа, тука се децата кои, со својата невина, чиста душа, имаат волшебна моќ да го обновуваат повторно и повторно светот во кој и тие постојат како негови рамноправни членови, и да нѐ потсетуваат на тоа дека „со срцето подобро се гледа отколку со очите!“ – пишува Виолета Димова за литературата за деца.

– Мнозина веруваат, и уште исто толкумина се согласуваат дека токму „делот“ кој се однесува на ДЕТЕТО во човековата личност е „заслужен“ за создавање дела со вистински уметнички вредности, кои најуспешно умеат да создадат естетска комуникација не само со читателот – дете, туку и со читателите од различни возрасти и социјални групи. Нам, на возрасните и на родителите, ни останува да ги рационализираме пораките, предметите, постапките во градењето на текстот, да ги пренесеме и да ги примениме како родители позитивните вредности, но за сето ова да биде реализирано, најпрво е неопходно воспоставување естетска комуникација со светот на делото и со светот на детето.

Виолета Димова (1955, Скопје) дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што и магистрирала и докторирала на теми од методиката на наставата по книжевност.

До 2008 година, Виолета Димова работи како професор по методика, а предава и литература за деца и светска книжевност на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет Блаже Конески во Скопје. Моментално е декан и редовен професор на Филолошкиот факултет, на Универзитетот Гоце Делчев во Штип.

Своето долгогодишно искуство како универзитетски професор, кој се занимава со проучување на развојните и современите процеси и промени во наставата по литература, како и воопшто во образованието, го потврдува со книгата Литературното дело и реципиентот („Македонска реч“, 2007), која се користи како учебник по методика на наставата по литература, за студентите на филолошките факултети.

Освен со методиката, Виолета Димова се занимава и покажува особен интерес за естетиката на комуникацијата во наставата по литература, како и во литературата воопшто, за што сведочат и нејзините бројни статии во врска со оваа релативно нова теориска и полижанровска дисциплина.

Естетиката на комуникацијата и литературата за деца е обид за нов и поинаков литературно-теориски и апликативен пристап кон делата кои, помалку или повеќе се наменети на децата и на младите.

You May Also Like