Дневниот весник „Дневник“ го избра Рубенс Муратовски за актер на годината за 2011 година, за улогата на кралот Агамемнон во претставата „Геноцид 21“ во режија на Владлен Александров.
Изборот го направи жирито во состав: Лилјана Грџо Дамовска, претседателка, како и членовите Сребра Ѓорѓијевска и Мишел Павловски, во сзаедничка оработка со рецензентката Александра Бошковска.
Конкуренти на Муратовски, кои беа во најтесниот избор се Јелена Жугиќ за улогата исто така во претставата „Геноцид 21“ и Александар Степанулески за улогата во претставата „Калигула“ од прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“.
Едно од најтешките искушенија за актерот е да застане на страната на лик со чии постапки и убедувања не се согласува. За да одигра негативец, тиранин и крвник, актерот мора да создаде нов, личен однос кон материјата и да нурне во опачината на својот карактер. Таква е позицијата на Муратовски во „Геноцид 21“. Во постапокалиптичниот конфликт помеѓу џелатот и неговата жртва, тој е џелатот – моќниот микенски крал Агамемнон – стои во образложението на жирито.
Врачувањето на наградата ќе се одржи во вторник (20 март 2012 година) со почеток во 19:30 часот во МНТ, а по доделувањето ќе биде изведена претставата „Ромео и Јулија“ на Лилиа Абаџиева.