МНТ со одлични бројки по преселбата во новиот објект

Во новиот објект на Македонскиот народен театар од премиерата на „Вечната куќа“ во декември, досега се одиграни над 40 претстави, три премиери, а бројот на посетители е над 23 илјади …

Со силна уметничка позитивна енергија и придонес на сите актери, Македонија во делот на уметничкото творештво се претстави не само тука, туку и на сите светски сцени каде гостуваа изминатиот период.

Ова го посочи министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, која денеска го посети Македонскиот народен театар, каде присуствуваше на пробата на претставата „Сината птица“ на режисерот Златко Славенски која премиерно ќе биде изведена на почетокот на мај. Таа претходно се сретна со директорот на МНТ, Дејан Лилиќ, со вработените и со дел од актерите, со кои разговарала за функционирањето на таа национална установа. Во МНТ, како што истакна, секојдневно има претстави и на големата и на малата сцена, досега се реализирани три премиери-две на големата сцена и една на малата сцена.

– Се заблагодарив до целиот тим, до сите актери во МНТ за нивниот силен придонес во целокупното творештво и културата на нашата држава. Ме запознаа со сите активности на театарот. Успесите се значително големи, рече Канческа Милевска.

Искажа благодарност до актерите и за нивниот ангажман околу првата премиера на отворањето на новиот објект „Вечната куќа“, претстава која, како што рече, ќе биде запаметена во театарската историја на Република Македонија.

– Претставата беше голема од секој можен аспект и од делот на прикажување на целокупната сценска технологија која ја поседува театарот, од моќноста на целокупната актерска екипа која се најде на сцената, од режисерката моќ на Дејан Пројковски, истакна Канческа Милевска.

На средбата со директорот Лилиќ и дел од актерите станало збор ми за идните активности, како и за првиот меѓународен фестивал што во мај ќе го реализира МНТ и на кој голем број театри од регионот и пошироко ќе учествуваат и ќе ја работат својата претстава со врвната сценска технологија и аудио видео опрема која ја поседува театарот.

Лилиќ рече дека морале да ги разбијат стереотипите како треба да работи еден театар и како било досега. Се обидовме и на актерите и на вработените, истакна Лилиќ, да им наметнеме европски и светски стандарди како треба да се работи еден театар.

– Ангажирани сме од сабајле до полноќ бидејќи речиси секоја вечер има претстава. Во април ќе имаме и денови каде ќе играме паралелно претстави и на големата и на малата сцена со различен термин. Идејата е да имаме во 30 дена во еден месец над 30 претстави изведени во МНТ. Монументалната претстава „Вечната куќа“ сите ја чувствуваат како голем театарски проект, нешто што досега не е видено, посочи Лилиќ.

Тој рече дека во монументалната престава „Сината птица“ од Морис Метерлинг, во режија на Златко Славенски, повторно ќе ја употребат речиси целата технологија, како и уште некои нови елементи технолошки кои, според него, може да бидат многу интересни во една театарска приказна.

Славенски истакна дека „Сината птица“ е еден многу сложен комплициран проект, но е многу едноставен бидејќи се собрале една екипа која сака да го направи проектот.

– Многу ми е драго што има една атмосфера, да кажам победничка што одамна ја немало во театарските сфери. Затоа мислам дека е многу битно да ја направиме претставата која ќе значи за публиката и за сите нас. Тоа е една приказна за многу суштински работи кои ни се случуваат во животот, додаде Славенски.

Актерот Сашко Коцев рече дека за многу краток период, за само четири пет месеци откако се во објектот имале многу проби.

– Целиот репертоар од стариот МНТ да се пренесе во новиот објект, тоа се ноќи непреспиени. Репертоарот е пренесен, има публика многу. На посетителите им е многу убаво да изгледаат убаво, да бидат видени тука, да испијат една чаша вино, да изгледаат една претстава, да продискутираат, додаде Коцев.

You May Also Like