Милчо Манчевски награден во Тексас за „Четврток“

Краткометражниот филм на Милчо Манчевски „Четврток“ освои награда на УСА Филм Фестивал-от …

„Четврток“ минатата недела беше финалист на американскиот национален натпревар за најдобар краткометражен филм на 44-тото издание на фестивалот кој се одржува во Далас, Тексас.

Во образложението за наградата се вели: „Секоја година, има многу филмови за кои сметаме дека се вредни за признание поради трајниот впечаток што го создаваат, а вашиот филм беше прекрасен пример за тоа“.

– „Четврток“ не беше планиран за награди. Сакав да видам дали можам во 90 секунди да набијам доволно прикаска и емоција да те погоди во стомакот, како во едно добро хаику, изјави Манчевски.

Филмот е снимен во Њујорк минатата година и беше премиерно прикажан на отворањето на Венецискиот филмски фестивал на 28-ми август 2013 меѓу остварувањата на 70 реномирани режисери кои ја означиле историјата на филмска Венеција како Бертолучи, Пол Шредер, Абас Киаростами.

Продуценти на „Четврток“ се Арон Левин и Џералд Херман, кинематографер е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката Игор Василев Новоградска. Во главната улога настапува актерката Лора Ласи.

„Четврток“ досега е прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Сао Пауло, Бразил, на РАИ Муви, канал на италијанската национална телевизија, на фестивалот во Сиракјуз, Њујорк, на Интерфилм во Берлин, во кино-салите во Германија, на „Листапад“ меѓународниот филмски фестивал во Минск, и др. Во Македонија премиерно беше прикажан на свечената вечер посветена на творештвото на Милчо Манчевски, која во декември ја организираше Турскиот културен центар Јонуз Имре.

You May Also Like