Започнува Бит Фест

Вечер (среда,  27.06.2012) започнува БИТ ФЕСТ 2012, со мјузиклот „Евита“ во режија на Цветан Стојановски, во Домот на АРМ, со почеток во 21:00 часот.

Мјузиклот Евита претставува позната тема од бродвејската сцена и истоимената холивудска продукција, направена од Ендрју Лoјд Вебер, кај кого темата доаѓа случајно, слушајќи ја на радио и истата оживувајќи ја со мјузиклот Евита Перон. Овој мјузикл го обработува животот и делото на Евита Перон припадник на средно ниската класа во Аргентина.

Мјузиклот „Евита“ е шести проект кој се реализира во рамките на проектот Битолска опера. Првиот проект беше реализиран во 2005 – та година со наслов Дон Пасквале и означуваше почеток на битолската опера.

Битолско културно лето оваа година е со рекордна бројка на културни настани. Од пристигнатите 230 апликации, програмата на БИТ ФЕСТ 2012 ја сочинуваат 130 настани во чии рамки се наоѓаат и голем број поединечни настани, што всушност претставува бројка од над 170 настани за период од 2 месеци.

„Нашите анализи и истражувања покажаа дека Битола има капацитет и интерес за се. Ние се обидовме да ги изброиме просторите кои ги користиме. Оваа година имаме и дисперзија надвор од централното градско подрачје. Настаните ќе се случуваат на 20 тина простори, а за сите настани за кои постои можност ќе се дисперзираат. Ќе се случуваат културни настани во Магаза, на Широк Сокак, на Плоштад Магнолија, Дом на АРМ, Завод и музеј, Пацио, Хераклеја, Тумбе кафе, Зоолошка градина, Нов пазар, сите сали на Центар за култура, Народен театар и на други локации. Целата програма е бесплатна“, изјави Талески.

Дел од големите манифестации како што е настапот на Горан Бреговиќ со својот оркестар во Хераклеја на 8-ми јули, кој е исклучително скап настап, а за кој цената за влезници беше намалена од 25 евра на 10 евра за Битола – 600 денари, Општина Битола одлучи да покрие дел од тој износ со што на сите заинтересирани ќе им се овозможи да го проследат тој голем концерт. За граѓаните ќе биде цената 200 денари. Целта е да се донесе еден балкански познат музичар атрактивен за овие простори.

Оваа година под манифестацијата Бит Фест ќе се одржи и Графичкото триенале, голема листа на настани за сите вкусови. На Бит Фест ќе гостуваат и голем број театарски претстави, како: театарската претстава „Без сенки“ од Виена, потоа гостување на Питер Брук со претставата „Големиот инквизитор“ итн.

Дел од програмата се и повеќе литературни проекти, Филмските денови СЕЕ а ПАРИС, а од рок и поп музиката покрај гостувањето на Горан Бреговиќ се издвојуваат концертот „Песни од Коштана“ на Силви бенд, гостувањето на Фабула Раса од Унгарија, рок концертот „Балканска улица“ од Грција, промоција на албум на Паркети, од етно и светска музика се издвојуваат Баклава, групата Синтезис, а секако дел од програмата се и големите фестивали кои со себе носат големи имиња како АКТО, Битола отворен град, Илинденски денови, Локум фест и други фестивали.

БИТ ФЕСТ 2012 оваа година нуди голем број на содржини кои ќе ги исполнат жешките летни денови во Битола, со исклучителна културна свежина.

You May Also Like