На денешен ден: Загинал Ѓорче Петров

Ѓорче Петров, целосно име Георги Петров Николов (2 април 1865, с. Варош, Прилепско – 28 јуни 1921, Софија, Бугарија) — македонски професор, публицист, историчар, идеолог на Македонската револуционерна организација.

Се школувал во Прилеп, Битола, Солун и во Пловдив. Бил учител во Штип (1886-1887). Како учител во Скопје (1888–1891) соработувал со митрополитот Теодосиј Гологанов и ја поддржувал неговата идеја за возобновување на Охридската архиепископија. Бил професор во Битола (1891–1895) и во Егзархиската гимназија во Солун (1895–1897).

Основал повеќе револуционерни групи и кружоци на МРО (Штип, Битола, Прилеп, Охрид, Крушево, Кичево, Ресен, Леринско и Костурско). Член на Централен комитет на МРО. Учествувал на Солунскиот конгрес (1896) и бил еден од составувачите на Уставот и на Правилникот на ТМОРО. Ја објавил книгата Материјали по изучувањето на Македонија (Софија, 1896).

Бил задграничен претставник на ТМОРО, заедно со Гоце Делчев, во Софија (1897–1901). Учествувал во уредувањето на револуционерниот хектографиран весник На оружје. Во Илинденското востание предводел чета во Прилепско и во Мариовско. По востанието останал во Македонија и работел на обновувањето на организационата мрежа, учествувал на Прилепскиот, Струмичкиот и Рилскиот општ конгрес. На Рилскиот конгрес бил повторно избран за задграничен претставник на Организацијата во Софија.

Го уредувал списанието Културно единство (Солун, 1908–1909). Во времето на Балканските војни и на Првата светска војна бил на служба во Серез, Битола и Драма. Член на Привременото претставништво на бившата ВМРО, противник на врховизмот и на делбите на Македонија на Версајската конференција. Убиен по наредба на Тодор Александров.

You May Also Like