Постојани музејски поставки во националните музејски установи

Преку овој проект музејските институции ќе добијат квалитетни постојани музејски поставки, атрактивно конципирани простори кои ќе имаат современи облици на презентација на музејските експонати и кои ќе дадат нова интеракција со посетителите …

Министерството годинава заедно со 16-те национални установи од областа на музејската дејност ќе започне со реализација на долгогодишен проект за постојани поставки во националните музеи во областите на: археологија, историја, историја на уметноста, етнологија, современа уметност и природните науки. Преку овој проект нашите музејски институции ќе добијат најрепрезентативни постојани музејски поставки, атрактивно конципирани простори кои ќе имаат современи облици на презентација на музејските експонати и кои ќе овозможат една интеракција со посетителите.

Проектот за постојани поставки во музеите ќе се реализира во периодот 2014-2017 година. Опфатени се Заводите за заштита на спомениците и музеите во Прилеп, Охрид, Битола, Струмица, Штип, Музејот на Македонија, Природонаучниот музеј на Македонија, Историскиот музеј – Крушево, Музеите во Куманово, Гевгелија, Тетово, Кичево и Струга, Националната Установа за управување на археолошкиот локалитет Стоби–Градско, Музејот на албанската азбука – Битола и Уметничката галерија – Тетово.

– Сите овие музеи ќе добијат концепциско и ентериерно преуредување, како и воведување на засилен стандардизиран безбедносен систем за музејските објекти, изјави министерката Елизабета Канческа-Милевска на пресот на кој присуствуваа и директорите на националните музејски установи во земјава.

Таа потсети и за останатите проекти кои беа реализирани во областа на музејската дејност во изминатиот период.

-Денеска музеите во Штип и во Битола имаат извонредни историски, етнолошки и археолошки поставки, Прилеп има впечатлива историска и археолошка збирка, Музејот во Крива Паланка поседува етнолошка и археолошка поставка. Ќе ги споменам и Музејот на теракотата во Виница, Музејот во Демир Капија, во Свети Николе, музејот „д-р Никола Незлобински“ – Струга кој годинава доби нова постојана музејска поставка, Галерија на икони која е сместена во црквата „Св. Никола“. Со задоволство ќе потсетам дека по децениска пауза, своја постојана музејска поставка доби и Музејот на современата уметност во кој се изложени непроценливи дела на домашни и странски автори од колекцијата на оваа институција, рече Канческа-Милоевска.

Министерката за култура информираше деке во текот на овој месец ќе бидат промовирани уште два исклучително значајни проекти.

-На 18 октомври пред јавноста ќе го промовираме новиот објект на Археолошкиот музеј каде што ќе биде презентирана ексклузивна археoлошка поставка и на еден автентичен начин, со употреба на најсовремена музејска технологија, специфично осветлување и амбиентална музика ќе биде раскажана милениумската историја и култура на територијата на Македонија. На 26 октомври ќе ја промовираме и новата постојана поставка посветена на прогонетите од Егејскиот дел на Македонија која ќе биде сместена во Музејот на Македонија. Оваа особено атрактивна поставка, го прикажува историјатот на учеството на Македонците од егејскиот дел на Македонија во Втората светска војна и Граѓанската војна во Грција и настаните што се одвивале на овие простори, соопшти министерката Канческа-Милевска.

Новите постојани музејски поставки ќе ги содржат највредните артефакти кои се карактеристични за градот или регионот и ќе бидат извонредна можност, домашните гости и посетителите од странство да се запознаат со непроценливите културни вредности и несоборливите факти на македонското културно наследство.

You May Also Like