Богојавление – Водици: Ден кога водите стануваат лековити

Именден празнуваат: Богдан, (значи даден од Бога) Богдана, Божана, Бојан, Бонка, Богомил (значи мил на Бога), Јордан, Данчо, Јорданка, Данка, Даница, Дарин, Јован, Јованка, Јонко, Јонка, Јоана…

Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Затоа кумот се смета за духовен родител на крстениот и најблизок роднина. Со овој празник завршуваат не само дванаесетте т.н. Некрстени денови туку и циклусот зимски празнувања во кој спаѓаат уште и свеченостите поврзани со Бадник, Божик, Нова Година (Василица) и сл.
Значи, празникот Богојавление се однесува на настанот на Христовото крштевање во реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител, кој уште се вика и Претеча што значи претходник. Тој со своето учење одел пред Исус, што значи му претходел на Исус и затоа е наречен Претеча. Св. Јован го повикувал народот на покајание и му кажувал дека е дојдено времето кога ќе се појави Спасителот на Светот. Притоа луѓето ги крштевал со вода и им кажувал дека тој што ќе дојде по него ќе ги крсти со Свет Дух. „Јас ве крштевам со вода; но иде посилен од мене, Кому не сум достоен да Му ги одврзам ни ременчињата на обувките Негови. Он ќе ве крстеи со Дух Свети и со оган.“ (Лука, 3/16)
Овој настан се нарекува Боголавление (Епифанија – јавување). Во почетокот на празнувањето на Богојавление, во овој празник биле слеани повеќе спомени, меѓу кои и Раѓањето Христово. „Во четвртиот век празниците биле одделени, така што Христовото раѓање било пренесено на 25 декември, на денот кога паганите го празнувале богот на Сонцето, а христијаните го празнуваат Сонцето на правдата.“
Крштевање значи потопување. И гусарите кога планирале да потопат некој брод велеле ќе го крстиме. И крштевањето се изведува преку потопување во водата. На тој начин верникот излегува од водата измиен од гревовите. „Според Јован Дамаскин Христос се крсти за да ги уништи главите на демоните во водата, бидејќи постоело сфаќање дека демоните живеат во водата; за да го измие гревот и да го погреба целокупниот стар Адам во водата, за да го освети Крстителот затоа што не го освети Претечата Христа туку Христос го освети Претечата, кога последниов ја стави својата рака врз Христовата глава; за да го исполни законот; затоа што Он Самиот го даде и не требаше да испадне негов престапник, за да ја открие тајната на Света Троица, бидејќи во тој час имаме јавување на Света Троица; за да стане образец на нашето крштение коешто е совршено крштение и се врши со вода и Дух Свети.“
Со своето крштевање во реката Јордан Исус ги освети водите. И денес на денот Богојавление се извршува осветување на водите „Така по осветувањето водата престанува да биде вода на падот и станува вода на обновување, бидејќи се соединува со несоздадената благодат Божја“.
Богојавление бил празник на многубожниот бог давател Дајбог кој ги исполнувал желбите на луѓето кои му се обраќале при отворањето на небото. Имено, според верувањето, ноќта спроти празникот, точно на полноќ, на глуво доба, се отворало небото и на сите што будни ќе го дочекале тој час Бог им ги исполнувал желбите. Според едно предание од Охрид што го забележал Кузман Шапкарев некој човек што овој миг го гледал низ прозорецот сакајќи да има еден осмак пари по погрешка рекол: „Дај ми Господи, еден осмак глава.“ И за чудо на часот главата му пораснала колку еден осмак, та не можел да си ја тргнит назат од пенџерата и му останала надвор од пенџерата, а тој како закоан на неа.“
Тој час како што се верува и водите престанувале да течат за миг и биле многу лековити. Од таа вода да се налеело можело да се лекуваат разни болести. Ако пак не се налеела во тој миг водата можела таква да се направи откако ќе се освети (покрсти) по специјален обред што го изведува свештеникот.

Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат компании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата кумството е сродство па за кумовите како и инаку за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос значи тој го има кумството. Во песната од Западна Македонија „Или тотнет ил се земја тресет“ објавена во зборниците на Јастребов и Икономов во силна борба Свети Јован го добил кумството и побратимството:
Свети Петар клучи од рајове,
Светʼ Илија – силни секавици,
Свети Јован – кумство, побратимство,
Неделица – празник да празнуват.
Секоја компанија има свој кум кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот една година од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. Менувањето на кумството се врши по строго востановен ред, најчесто по старост. К. Шапкарев забележал дека во некои села во Охридско крстот, а со тоа и кумството се откупувале со наддавање.
Еден ден пред празникот, на 18 /5. I. е Водокрштение, некои го викаат Водокрст или Водопост. Водокрст доаѓа од крштевањето односно осветувањето на водата, а Водопост поради тоа што се работи за строг пост односно пост на вода, односно затоа што тогаш се крштева (осветува) водата. Рано наутро на знакот од камбаната сите кумови одат во црквата. Секој со себе носи котле со вода и во него крстот што ѝ припаѓа на таа компанија. Свештеникот ги проверува крстовите дали се добро врзани. За добро врзани се сметаат тие на кои босилекот е од предната страна, врзан со црвен конец. Притоа треба да има толку гранчиња босилек колку што семејства има компанијата. Ако крстот не е добро врзан свештеникот го преврзува така како што треба. Откако ќе ги провери сите крстови ги пее сите крстови заедно, и со тоа ја осветува (крштева) водата. Со овој чин оваа вода добива профилактичка моќ, со неа во текот на денот се прска низ куќата, шталата, и другите простории и има цел да ги избрка сите лошотии. Прскајќи од оваа вода кумот благословувал:
Кај што помина чесен крст,
да е чесно бериќетно,
кај што капнало капка вода,
сребро и злато да капит,
да се родит бериќетот.
На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Охрид крстот се фрла во езерото, во Скопје во Вардар, а по селата во реките откако претходно ќе се направи голем вир. Крстот го фрлал попот откако ќе отпеел молитва. По крстот скокале неколку момчиња, но нивниот број секогаш морало да е непарен (лио), тројца, петмина или седуммина. Тој што ќе го извадел крстот од водата добивал подароци. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, а со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година за лекување на разни болести како на луѓето, така и на добитокот. Попладнето по коледица одат мажите, но само по куќите од својата компанија. Собираат подароци, месо, леб, пари и друго, благословуваат и пеат песни.

Во минатото Богојавление бил празник на цела Струга без разлика на вера и народност. На фрлањето на крстот во реката Црн Дрим присуствувале сите, и христијаните и муслиманите. По фрлањето на крстот во водата сите се миеле за здравје. Ржана слама (чукајнца) најмногу натопувале муслиманите зашто тие повеќе се занимавале со земјоделие и сточарство. Со водата земена од реката се попрскувало во куќата, дуќанот, кај стоката итн. Водата наполнета на Водици се чувала преку целата година за лекување.
Во селото Битуше на овој ден и денес се одржуваат богати обичаи, кои иако се познати во овој крај досега останаа недоволно афирмирани меѓу пошироката јавност. Денес во Битуше има два крста, односно две куќи ги предаваат, и две ги земаат крстовите за овој празник. Порано селото имало само еден крст но се случувало некој да не доживее да биде кум и да го чува крстот. Поради тоа селаните решиле селото да има два крста. Подготовките за празнувањето на Водици во Битуше почнуваат уште на Танасовден (Св. Атанасиј, 31 јануари) што значи скоро цела година порано. Тогаш новите кумови во црквата „Св. Архангел Михаил“ даваат збор (се заречуваат, се заколнуваат) дека ќе бидат носители на селското кумство. Но непосредните подготовки за Водици почнуваат на Василица, со замесувањето на лебовите, обред што се изведува доста свечено и што содржи многу оригиналност. Ноќта спроти Василица, малку по полноќ девојка со живи родители, или млада невеста облечена во свечена девојчинска облека, или во невестинска облека со две стомни оди да налее вода на една од селските чешми. На враќање крши три дренови гранки што ги става во стомните за водата да се дреноса. Во прашање е верувањето дека дренот може да обезбеди здравје за целото семејство. Во домот водарката ја чекаат месариите кои по нејзиното враќање ја пеат песната:
‒ Добре ми дојде свети Јоване!
‒ Добре те најдов еј нови куме!
Не уплаши се ток зарадви се,
сам свети Јован заире носет,
заире носет бела пченица,
бела пченица ведро ракија,
ведро ракија две ведра вино,
две ведра вино крава јалова…
Со донесената вода девојката или младата невеста ги замесувала првите пет леба, по што месариите ги замесувале останатите лебови за празникот. Бидејќи во поново време се купуваат готови лебови, во изведувањето на обредот се месат само пет леба. На Василица се изведува и обичајот канење „На кумство“. Имено тогаш девојки или млади невести, од двете куќи што го земаат крстот, свечено облечени и со специјални карти за канење „зовачки“ полни со вино го канат целото село да дојде „На кумство“, а девојките и младите невести се канат да бидат кумстарки. На 17 јануари од куќите што го испраќаат крстот праќаат по едно девојче низ селото да кани на „Сучење врвца“ и на „Праќање кумови“. Овие обичаи секогаш се изведуваат навечер. Тие што доаѓаат за овие обичаи поздравуваат со: „Да ви е напомош свети Јован“, на што домаќините одговараат: „Секому да помага“. Овие два обичаја се изведуваат во двете куќи коишто го испраќаат крстот, односно кај старите кумови. На софрата се и кумовите што ќе го носат крстот во манастирот „Свети Јован Бигорски“. Кога ќе почнела вечерата две жени свечено облечени во народна носија, застанати во спротивните ќошови од куќата, поткачени на столчиња ја сучат врвката, со која се врзуваат крстот и босилекот. Врвката се сучи од бел и црвен конец, при што едната жена врзува на лево, а другата на десно. При сучењето се пее:
Јадите, пите, веселите се,
ова е софра свети Јованова.
Сам свети Јован заире носит.
Носите го, носите го,
гравот од Грашишќе,
да го јадет, да го јадет,
овие чесни гости,
чесни гости, чесни гости,
свети Јованови…
Кога босилекот ќе биде врзан на крстот започнува опростување од крстот. Прв се опростува домаќинот со тоа што по прекрстувањето (три пати) го дарува крстот со пари. Потоа истото го прават и домашните и гостите. Потоа кумот зема бакарно котле полно со вода, во него го става крстот ја нарамува торбата со храна и ги поведува кумовите кон манастирот „Свети Јован Бигорски“. До местото Лајковец кумовите ги испраќаат попраќалените при што ја пеат песната:
Збогум, со здравје свети Јоване,
ноќа те праќа, рано те чека,
утре те чека силноно село,
силноно село, се весело…
По пристигнувањето во манастирот сите крстови се ставаат во голем котел полн со вода каде што свештеникот ги опева односно ги осветува и крстовите и водата.
Рано наутро на 18 јануари со биењето на камбаните кумовите тргнуваат кон селото Битуше. Кога ќе пристигнат кај местото Лајковец нив ги пречекуваат деца со лончиња (маштрапи) во кои кумовите им тураат светена вода (ајазмо) да се напијат „на гладно срце“ и да однесат во домовите. Кога децата ќе донесат дома од ајазмото, сите пијат за здравје потоа попрскуваат низ куќата, а останатата вода се чува пред иконата, за да ја чува куќата од разни несреќи и да обезбедува напредок.
Кумовите, со крстот и светената вода, одат во домовите на стариот и новиот кум, а потоа шетаат низ селото посетувајќи ги сите куќи. Одејќи низ селото го пеат тропарот „Во Јордање крештајутсја Тебја Господи…“ Во домовите ги пречекуваат со ставена богата софра секогаш со посна храна. На софрата главниот кум што го носи котлето со светената вода ја пресекува погачата, ја попрскува со вино, а потоа сите простории на куќата ги попрскува со светена вода. Еден од кумовите фрла сол во оганот, го распретува и благословува да се сили куќата, „да се роѓает мошки деца, женски телиња, јариња. Да е куќа силна и весела.“ Ова се повторува во сите куќи по што кумовите ги носат котлињата со вода и со крстовите во селската црква „Св. Архангел Михаил“ каде што ги оставаат да преноќат.
Интересен обичај е и одењето по костење, што се изведува вечерта во домовите на новите кумови. Тогаш се носат и таблите за кревање на кумството. На софрата, домаќинката со полна табла костени ги послужува и секој зема толку костени колку што има членови семејството и уште по едно за куќата и стоката, а нивниот број секогаш мора да е непарен. Ако некој не присуствува на овој чин костење му се испраќаат во неговиот дом за да не се почувствува одделен од селото. Потоа сите се гоштеваат и пеат песни меѓу кои и споменатата песна „Добре ми дојде свети Јоване…“ Ноќта во двете куќи на новите кумови се распоредуваат таблите, се формира колона на кумстарките така што на почетокот се жените, а потоа девојките.
Интересни, би рекле, ретки обичаи во ова село се изведуваат на 19 јануари, на празникот Богојавление ‒ Водици. Рано наутро на овој ден сите луѓе од селото одат во селската црква „Св. Архангел Михаил“ каде што присуствуваат на црковната служба, потоа ги земаат иконите, бајраците, крстовите и одат низ селото, обред што се вика „По крсти“. Колоната оди низ селото по строго утврдена патека. Најнапред оди свештеникот со бакарно котле со светена вода, со крстот и босилекот во водата, а по него селаните. Најпрвин застануваат кај Милошевската чешма каде што се осветува водата, а потоа На јаз каде што крстот се фрла во водата. При одењето низ селото поворката ја пее песната „Крсти носиме Бога молиме“. По фрлањето на крстот во водата тој се носи во селската црква, по што девојките и невестите одат во домовите на новите кумови каде што се изведува обичајот Кревање кумство. Секоја си ја зема таблата (со лебот во неа) по ред онака како што се поставени на масите. Таблите се покриени со бела шамија. Сите тргнуваат кон црквата во обред што се вика По крстот. Напред оди домаќинката и нејзината табла е најголема и во неа има три леба и три гранчиња од дрен. По неа одат другите кумстарки. Колоната до Пред црков пее водичарски песни како „Добре ми дојде свети Јоване“, а пред црковната порта и песните: „Пролетал ми сиви сокол од море“, „Еребице, препелице“, „Заспала ми је бела Марија“ итн. Потоа влегуваат во црковниот двор каде што е собрано целото село и каде што се формира Свети Јованово оро придружено со песната:
Петар и Павле две ора водет,
Петар Павлеве му се молеше:
‒ Покроткум Павле, покроткум брате,
покроткум ви го витото оро,
ил се невести морни, уморни,
ил се девојки морни уморни.
Цел ден денеска крсти носеме,
крсти носеме, Бога молеме!
Да му е жива…(се редат имињата на машките членови на семејството според возраста).
По изигрувањето на ова оро кумстарките од куќата на првиот кум одат во селскиот културен дом, каде што го оставаат лебот. По нив во црковниот двор влегуваат кумстарките од куќата на вториот кум при што се повторува истиот ритуал. Во тоа време во селскиот дом машките членови ги сечат лебовите, а во канти или ѓугуми се дели кашкавал и сирење, леблебии (бобулки) и шеќерчиња, се послужуваат со ракија (студена). И додека трае веселбата во културниот дом, додека се играат ора и се пеат песни, домаќинките на двете куќи ‒ нови кумови одат во црквата каде што ги земаат крстовите. Свештеникот со молитви и благослови најпрвин едниот крст ѝ го предава на домаќинката од првата куќа, а потоа и на втората. Тие со десната рака го држат на челото и тргнуваат кон своите домови. Свештеникот на сите присутни во црквата им дели кончиња со сучената врвка со верување дека ќе им се одврзе среќата ако им е заврзана (заплеткана). Додека одат од црквата до домот домаќинките со крстот се пее споменатата песна „Добре ми дојде свети Јоване“. Во домот крстот се остава пред иконата, а потоа доаѓаат кумстарките за кои е подготвена богата софра. По кумстарките ручаат мажите.
Вечерта на Водици целото село оди „С поклон“ кај првиот стар кум. Притоа се носи леб и му се честита свети Јован. Поклонарите се честат со ракија, а потоа им се дава вечера. Кај вториот стар кум „С поклон“ се оди следната вечер.
На вториот ден од празникот, Собор на свети Јован Крстител, на честитање именден се оди во куќите каде што има име Јован. Тогаш се оди и На бакрда во куќите каде што има млада невеста, како што се вели „прва година земена“. Таму младата невеста ги почестува со ситно издробена пченкарна бакрда. Гостите бакрдата ја земаат од тепсија, и притоа благословуваат: „Колку тровчиња, толку дечиња. дечиња како мечиња“. Сите гости во оваа пригода пеат:
Варет се печет бакрда,
коде што имат невеста,
прва година земена.
Да се роѓает дечиња,
дечиња како мечиња.
Вечерта, како што беше споменато целото село оди „С поклон“ кај вториот стар кум и со тоа празнувањето на Водици завршува.
Водичарските обичаи, верувања и песни покажуваат дека во Македонија до денес се одржале многу од старите обичаи кои најпрвин имаат аграрен, а дури потоа хтоничен карактер, и дека во нив се следат слоеви од најдалечното минато, односот кон словенскиот врховен бог, но и социјалната организација на селото, на компанијата и на семејството.

Тропар
Свето Богојавление
Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на света Троица: гласот на Оца сведочеше за Тебе и те нарече Свој сакан син; и Духот, во вид на гулаб, ја потврди вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти.

Водичарски песни од село Слатино, Охридско
1.
Мирче мајка скореваше:
-Стани, стани, стара мајко,
усучи ми жолта свеќа,
сите в црква испојдоа,
сите коњи изврзале,
кој за трнче, кој за грмче.
Мирче врза за плочица,
за плочица мраморчица,
коњот беше аџамија,
тргна плоча е откорна,
под плочата шарен ковчег,
во ковчегот две девојки,
две девојки еднолики,
прва беше Света Петка,
друга беше Свет’ недела,
Света Петка се загрми,
Света Недела се замагли,
зашто везат девојките,
девојките, невестите,
зашто везат во недала,
во недела мошне рано.
2.
Појдов, дојдов низ село,
најдов сено косено,
јунаци го косиле,
девојки го збирале.
Овде дворје метено, метено,
овде јунак неженет, неженет.
3.
Седнал ми е домаќинот,
да ми јадит, да ми пиет,
да пречекат мили гости.
Што долета лепо пиле,
му застана на рамена.
И в година дивчекаме,
сосе сета кумпанија.
4.
Домаќине, Стамјанине,
дали пиеш, дали спиеш,
ако пиеш, весели се,
ако спиеш, разбуди се.
Долетало лепо пиле,
на рамена на Стамена,
тогај велит домаќинот:
Ај подајте лак и стрела,
да застрела она пиле.
Одговори лепо пиле:
не сум, пиле за стрелање,
тук сум пиле аберџија,
абер носам од далеку.
5.
Две се сонца надревале,
два се браќа надигроле,
помалото го надигра,
постарото му се моли:
-немој, брате, не надигрој,
јас сум постар ќе се жена.
И в година дивчекаме,
соси сета кумпанија.
6.
Имат мајка мила сина,
ружала го, китила го,
пратила го на занает,
да ми учит бела книга,
бела книга црно писмо.
7.
Еливер ми коња коит,
неестица го држеше,
коњче беше аџамија,
летна коњот да ми бегат,
а Еливер е велеше:
Нестицењ прво либе,
не трчај ми, не мори се,
коњче ми е научено,
само дома че ми дојдит,
од скутови зоб да зобат,
од легена вода пиет.
8.
Сопаши се стари куме,
опаши се нови куме.
Откако се крстот врза,
еве три дни ем три ноќи,
сега сонце го угреја,
сега ветер го повеја,
сега роса го пороси.
9.
Сопаши се, стари куме,
опаши се нови кумне,
опаши се не плаши се,
Свети Јован ќе помогнит,
соси сета кумпанија.

Според книгата „Дебарца, обреди, магии и обредни песни, од Наум Целакоски, Скопје 1984

You May Also Like