Повторно ќе може да се лета од Европа до САД за три часа!

Авионот за кој станува збор се вика Overture и е дело на Boom Supersonic, американска компанија за авиони. Boom Overture ветува дека ќе биде најбрзиот патнички авион во светот, кој достигнува брзина од над 2.000 километри на час, двојно поголема од брзината на сегашните авиони.

Скоро 20 години по последниот лет на суперсоничниот авион од производителот Concorde, овој тип на авиони се враќаат на сцената. Американскиот гигант American Airlines нарача 20 нови суперсонични патнички авиони кои би можело да бидат во употреба во 2029 година.

Со оглед на оваа брзина, Overture ќе може да стигне од Лондон до Њујорк (сега седумчасовен лет) за само три и пол часа и од Лос Анџелес до Сиднеј (вообичаено летот трае 15 часа) за само шест часа и 45 минути. Секој авион Overture може да превезе помеѓу 65 и 80 патници.

American Airlines не е единствената компанија која одлучи да инвестира во суперсонични авиони. Наводно, досега се нарачани над 130 вакви авиони, од компаниите United Airlines, Virgin Atlantic и Japan Airlines.

Сепак, производителот Boom е интересен и од други причини. Тие велат дека целосно ќе работат на одржливо гориво и дека авионот ќе има нула нето емисии, што, доколку е точно, може да ја промени целата воздухопловна индустрија. Секако, за ваквите гаранции треба уште да почекаме да видиме како сето тоа ќе функционира во пракса.

Ова на голема врата ги враќа суперсоничните авиони. Дали ќе станат стандард во авио индустријата, ќе покаже времето.

You May Also Like