Во паркот Ибни Пајко во Скопје денеска (среда, 30 април) традиционално ќе виде одбележан Меѓународниот ден на џезот.
Настанот го организира Националниот џез оркестар и почнува во 16.30 часот со џез за деца. Следуваат настапите на „Бојан Цветковиќ квартет“ од Србија (19.30 ч.), YoYo Band од Бугарија (20.30 ч.), „Христијан Ристески квартет“, словенечко-македонско-американска групација (21.30 ч.) и Trio Dragobert feat. Milagros Piñera од Австрија (22.30 ч.). Во Македонскиот народен театар во 18 часот ќе настапи Brian Marsella Trio од САД со кој ќе биде одбележан 30-годишниот јубилеј од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и САД.
Меѓународниот ден на џезот, 30 Април, е прогласен во 2011 година од страна на УНЕСКО. Идејата потекнува од џез-пијанистот Херби Хенкок, кој е амбасадор на добра волја на УНЕСКО.
Овој ден се одбележува со концерти, работилници, едукативни програми и јавни настапи во повеќе од 190 земји ширум светот, обединувајќи ги заедниците, училиштата, уметниците и ентузијастите ширум светот.
Џезот ја слави културната разновидност, промовира мир и меѓукултурен дијалог, поттикнува родова еднаквост и ја истакнува слободата на изразување. Годинава централната прослава на Денот на џезот ќе се случува во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати. Настанот ќе биде предводен од легендарниот пијанист Херби Хенкок и воден од оскаровецот Џереми Ајронс, а ќе настапат низа најреномирани џез артисти од светот меѓу кои Курт Елинг, Диди Бриџватер, Маркус Милер, Артуро Сандовал, Данило Перез и други.
Ако врне, сите концерти ќе бидат префрлени во салата на МНТ.
