Фестивал на македонската сатира

На 20 мај 2014 година (вторник), со почеток во 19 часот, во Културниот центар “Феникс“ (кој се наоѓа во непосредна близина на Универзална сала), ќе се одржи Фестивалот на македонската сатира.

Фестивалот ќе започне со изведба на претставата “Еци, пеци, Лец“ според текстови на Станислав Јержи Лец, а во изведба на сатиричарот и стендап – комичар Марјан Анѓеловски.

Со тоа, во рамките на Културниот центар “Феникс“, покрај веќе постоечкиот Театар за деца и млади “Бајка“, свечено ќе биде отворен и ќе започне да работи и Театарот за возрасни “Сатир“.

По изведбата на сатиричната театарска претстава, ќе настапат поголем број најистакнати македонски сатиричари, а на авторот Васил Толевски ќе му биде врачена наградата “Македонски Сатир“ за сатирично творештво и придонес во сатирата.

Фестивалот на македонската сатира ќе заврши со промоција на повеќе сатирични книги во издание на Издавачката куќа “Феникс“ и тоа: “Неисчешлани мисли“ од Станислав Јержи Лец, “Јавни тајни“ од Софе Штерјоски и “Прирачник за менаџери“ од Ефраим Кишон.

Инаку, Фестивалот на македонската сатира се планира да биде традиционален, Театарот “Сатир“ веќе започна да ја подготвува и својата следна сатирична претстава, а предвидено е и објавување на повеќе сатирични џебни изданија во издание на Издавачката куќа “Феникс“.

You May Also Like