Новиот колективен за култура – за некои мајка, за некои маќеа!

Пред неколку дена пишав колумна: Културата повторно извиси. Во неа алармирав за недоследностите, небулозите и се она што се направи при изработката на новиот Колективен договор за култура. Од старт ми беше и чудно и смешно што при изработката на истиот, преговарач како социјален партнер во целост беше земен репрезентративниот синдикат, а целосно исфрлени од игра самите институции и нивните раководства.

Јас, како и многумина, не сум, и немам намера да бидам дел од некој синдикат. Дали тоа значи дека не треба да ги остварам моите работнички права? До каде се отиде со небулозите во изработката на истиот. Како и секогаш, музеалците извисија. Повторно кајмакот е кај музичко сценските дејности, и не само кај носителите на дејност, туку и кај давателите на услуги и кај придружниот кадар.

Ги гледам пред мене коефициентите. Па дали е нормално драги мои соработник за дизајн, архитектура и визуелни уметности со високо образование со 240 кредити (по старо ликовен соработник или дизајнер, овие две се споија во ова унифицирано звање пред некоја година) да зема плата од само 2000 денари разлика од еден чувар, или да зема помала плата од музејски техничар со средно, или пак да има помала плата од шапкар, столар или некоја друга позиција, која ја има во некои други институции.

Како е можно раководители, да земаат помала плата од пониски позиции на кои истите им се претпоставени? Како?! Како е можно позиција, на пример едукатор со која до скоро сте имале иста плата одеднаш да ви бега за скоро 100 евра?!

Со години се разговараше и преговараше дека техничкиот персонал ќе оди под приватен сектор, заради поголема ефикасност и заштеда на средства. Сега излезе дека во институциите се побитни тие, отколку оние кои покрај носителните на дејност, се главната карика за финалните производи кои секоја институција ги нуди. Замислете изложба без изработен каталог, без плакат, без промо, сајт, објава на социјални медиуми и слично?

Сево ова што го склопиле синдикалциве и актуелната екипа во Владата и Министерството креира раздор, караници, внатрешна нетрпеливост, омраза и парцијално задоволи нечии хирови. Проблемот не е решен, само се пробува да се институционализира и да се стави како бреме на некоја следна Влада. Имено, и самиот колективен најавен за денес, е со одложено дејство за од месец јули. Тие го направија, некој друг да го мисли и спроведува. А се носи на два-три дена пред стапување во сила на техничка влада.

Деновиве самите институции секоја посебно наместо да се во претпразнично расположение се расправаат за глупостите кои некој ги направил, ставил на хартија и решил да ги уреди со закон. Како што гледам од Народната универзитетска библиотека огромен дел од вработените се против, и јасно тоа го манифестирале. Очигледно во одредени институции грешките не сакаат да ги признаат, па ги ставаат нештата под чергиче, срамејќи се да признаат дека биле изиграни или пак дека си завршиле работа само за себе, а креирале хаос и проблеми.

Ве молам објаснете ми мене лично. Врз основа на што драстично мене и на луѓе со сличен опис на работно место драстично ни ги намаливте коефициентите? Врз основа на што луѓе со средно образование, ќе бидат порамнети со нас или ќе земаат поголема плата!? Срамота! Како тоа намалувате коефициенти, кој се согласил во мое име, да имам помал коефициент?! Какви се тие работнички права?

Велите професионалност, а терате дневна политика со судбините и животите на луѓе кои посветено и професионално си ја вршат работата.

Ако желбата на сите ви да терате предизборен популизам, можевте фино лепо пари да им поделите. Колективен договор се прави со цел да се регулира цела дејност, и за да се подобрат нештата, да има стимул, мотивација, права и обврски.

Вака, само хаос!

Искрено, се надевам дека во јуни целосно нов администартивен апарат ќе одлучува и дека оваа фарса ќе се поништи. По мене, политиката повторно ве искористи драги мои културњаци. И то се ради нечии лични интереси и неспособност на тие кои се сметаа за способни да водат. Ние сме држава во која сите сакаат да се генерали, а никој војска. Сите бабици, детето килаво.

На здравје!

You May Also Like