Глигор Чемерски: Ќе продолжам неуморно да се борам за сликарството

Интервју со новоизбраниот член на МАНУ Глигор Чемерски. После долгата процедура за избор на нови членови во Македонската академија на науките и уметностите, која започна во декември минатата година, од пред два дена (од средата 22-ри август) маркантниот македонски сликар Глигор Чемерски и официјално е редовен член на МАНУ.

Чемерски  за стручната, како и пошироката  јавност е пример за национален, но и универзален уметник. Тој во секоја смисла е  граѓанин на светот. За неговото творештво  се карактеристични  три одлики. Во прв ред тоа е неговата доследност во се што прави. Втората карактеристика е екстазата , еден вид опиеност од македонската земја, нејзините органски димензии и траги од минатото.

Тој, како ретко кој уметник прави исклучителен спој на модерноте сликарство со македонската традиција, во неговите слики има раскош од асоцијации и е оживеан текот на времето. Чемерски е меѓу малкутемина ликовни уметници кои му даваат посебно значење на средновековното ѕидно сликарство кое го трансформира во посебен односно во свој ликовен јазик.

И на крај, трета одлика е поттикнување на емотивната клима со интелектуалниот поттекст.

Чемерски го напаѓа секое платно како мечувалец, тој  го боде со заглушувачки удари се додека ликовите и облиците не се изнедрат под валкањето на четката ќе рече Ентони Ф. Јенсен.

cOoLTura.мк ja имаше честа да поразговара со овој современик и академик, ингениозен мајстор на ликовната  уметност.

1. Како  се чувствувате кратко по официјалниот прием во МАНУ?

– Академијата е репрезент на македонската култура, а оваа диплома за прием е навистина едно високо, ако не и највисоко признание за еден уметник. Тоа е институција која со самото нејзино формирање беше замислена да биде претставник на највисоките дострели и вредности во културата, така што особено ме радува тоа што мојата уметност и творечка дејност е призната од Академијата како уметност преку која се обидувам да ги промовирам токму тие вредности со помош на мојот ликовен јазик.

2.   Дали во моментов имате некаква идеја  на кој начин би продолжиле со промовирање на македонските духовни вредности како член на Академијата?

– Искрено, тој терен не ми е непознат бидејќи тоа е во природата на мојот занает и мислам дека нешто посебно нема да се смени во мојот ангажман. Јас ќе продолжам неуморно да се борам за сликарството и преку сликарството со сите предизвици бидејќи јас живеам за него. Mojoт прием во МАНУ само дополнително ќе ми послужи како  мотивација во мојата уметничка и ликовна  надградба, едноставно да продолжам без застанување во усовршувањето на мојот ликовен израз.

3.    Во вашето обраќање по повод приемот во МАНУ спомнавте еден настан од вашата биографија кој го променил животниот тек во вашиот живот и бил пресвртен момент за да почнете да се занимавате со сликартсво. Што би биле вие денес да не бевте сликар?

– Дури и во претходниот и во идниот живот, па колку и животи да имав, повторно би бил она што сум денес. Едноставно постои мисија за секој еден човек и тука нема бегање. Едноставно секој е предодреден за нешто, а ги користи своите предиспозиции како компас за да се насочи и да избере што вистински сака да биде. Или  поедноставно кажано, да се пронајде себеси во овој свет  за да може успешно да се реализира како личност.

4. Збор два околу вашите студентски денови. По што ќе ви остане запаметено вашето студирање на Белградската академија?

– Несомнено, беа тоа најдобрите години во мојот живот. Меѓудругото ќе ги запомнам пофалбите, признанијата и позитивните критики од професорите како еден од подобрите студенти меѓу другитите колеги од Црна Гора, Хрватска, БиХ и други земји.

Со самото завршување на Белградската академија влегов во оној нескротлив простор во кој сликарството не е само задоволство, забава, туку стремеж кон највисоките неоткриени сликарски димензии и нови светови. Од тогаш сликарството за мене стана една голема духовна штафета која генерациски се продолжува.

5.    Кои се најчестите теми на вашето платно или поконкретно на која тема вие најчесто сакате да работите?

– Во текот на моето повеќе од 50 годишно творештво имам насликано голем број на циклуси и сите ми се искрено драги така што не би можел да издвојам посебно некој. Како најчести би ги издвоил темите за старите цивилизации, античките народи и нивната култура, фиктографското писмо на Маите, сириските амајлии,па тука е циклусот  Св. Ѓорѓија и ламјата, пророкот Даниил, ерменските минијатури, метаморфозите, патувањето на Арнаутите, навистина  не би звучело нескромно ако кажам дека тоа е еден широк дијапазон на видувања, надвор од секаков регионалиазам или била каква затвореност, што може да го потврдат почитувачите на моето творештво.

6.    Кој е вашиот најголем извор на инспирација?

–  Кога толку години се занимавате професионално со сликарство инспирацијата ја наоѓате насекаде околу вас. Мене ми се случува, а верувам истото важи и за повеќето уметници, да започнам со една линија и во тој поетски занес за два три часа да го завршам целото дело беспрекорно, без ниту една грешка. Или додека слушам музика, да земам една дрвена рамка која ќе ја обликувам  и ќе ја моделирам до еден посебен видлив израз на мојот емоционален набој со интелектуален поттекст и  јасна форма.

7.    Како успевате да ги артикулирате вашите знаења од историјата на уметноста, етнологијата, литературата и други научни дисциплини  и да ги имплементирате во областа на ликовната уметност односно  да го доловите целиот тој квантум на знаење на вашите платна?

– Па видете интелектуалниот дел  е неминовен. Тој е неизоставен сопатник на емоциите како дел од личноста и апсолутно ја потпомага  експресивноста во секој поглед. Морам да признам дека историските познавања ми се особено јака страна и навистина ми служат во систематизирање на мојата ликовна визија. Особено сакам да го архивирам развојниот тек на најзначајните настани од историјата на човештвото и да го претставам моето авторско размислување по однос на тие настани на платното. Може да се каже дека историските теми ми се лајт мотив. Нависитина сакам да бидам во улога на хроничар на времето и да го дадам мојот придонес во зачувувањето  и култивирањето на светската историја.

Ивана Чичоска

You May Also Like