Друштвото за издавачка дејност „Македонска реч“ од Скопје неодамна го објави романот „Мирна улица, дрворед“ на хрватската писателка Нада Гашиќ, во превод на Ленче Тосева.
„Мирна улица, дрворед“ е роман кој обединува неколку жанрови, со модернистички и вешт пристап во градбата, и со третирање на современи проблеми. Има хумористични и иронични елементи, испишан е духовито и со уверливи дијалози и псевдодокументарни елементи.
„Романот на Нада Гашиќ `Мирна улица, дрворед` ги портретира жителите на една улица и дава ведута на Загреб, град со метрополитска разноликост и со исклучителен провинцијализам, лицемерие и суровост – толку добро и уверливо што ќе посакате да се иселите од него, и покрај мирот и дрворедот. Сепак, сите градови се слични, животот главно се одвива засолнет во становите. Проблем е кога ’улицата‘ ќе почне да влегува во становите. Без чукање.“ (Круно Локотар)
Нада Гашиќ (1950, Марибор, Словенија) дипломирала социологија и југославистика/кроатистика на загрепскиот Филозофски факултет, а докторирала во Прага на Карловиот универзитет каде што работела како лектор по хрватски јазик. Како лектор работела и во Санкт Петербург и Брно. Се занимавала со уредничка, преведувачка и лексикографска работа. Својот прв роман „Мирна улица, дрворед“ го објави во својата педесет и седма година и за него е добитник на Наградата „Славиќ“ на Друштвото на хрватските писатели за најдобро дебитантско дело на годината, а за својот втор роман „Вода, пајажина“ е наградена со престижната Награда на Град Загреб и со највисоката државна награда во културата „Владимир Назор“ за најдобро книжевно остварување во 2010 год. Делата на Гашиќ беа во финале и на неколку други награди. Освен со награди, овие романи беа високо вреднувани и од книжевната критика. Тие се сместуваат меѓу најактуелните и највредните дела во најновата хрватска литература.
Преводот на македонски јазик на „Мирна улица, дрворед“ е поддржан од литературната мрежа ТРАДУКИ.