Резиденцијална програма за книжевници „Скопје 2014“

Издавачката куќа Готен, во соработка со мрежата Традуки, ги кани сите заинтересирани автори и преведувачи од Југоисточна Европа да се пријават на првата резиденцијална програма за книжевници „Скопје 2014“ под мотото „Апсолутно модерен“.

writing

 

По одличната реализација на проектот во неговата пробна фаза, во која тројца писатели од регионот престојуваа во Скопје, есента 2013, организаторите одлучија годинава во Скопје да учествуваат дури шест автори. Авторите во Скопје ќе престојуваат вопролетниот период од април до јуни и наесен од септември до декември 2014.

Програмата има за цел да им овозможи на авторите од регионот подобро да се запознаат со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Скопје и во Македонија и да остварат продлабочени и трајни контакти, кои во перспектива ќе ги направат пријатели и амбасадори на македонската книжевност и култура во регионот и во светот. Меѓународно жири ќе ги разгледа пристигнатите апликации и за есенскиот семестар од програмата ќе одбере тројца автори или преведувачи. Авторите во Скопје ќе престојуваат во период од еден месец, во чии рамки ќе работат на своите дела или преводи, ќе посетуваат културни настани, организации и институции, а преку јавен настан ќе и бидат претставени и на скопската сцена. За да се оствари поголем ефект од нивниот престој ќе се организира нивно претставување и во еден од другите културни центри во земјата, а во одредени случаи и во блиските престолнини од регионот.

Есента 2013, во Скопје престојуваа Душко Новаковиќ, Дарија Жилиќ и Беким Сејрановиќ. Душко Новаковиќ имаше своја авторска вечер во Скопје и во Кратово. За време на престојот беше примен како почесен член на Друштвото на писатели на Македонија. Негова книга поезија ќе излезе на македонски јазик годинава, а во негов препев и уредништво на српскохрватското говорно подрачје ќе излезат Антологија на македонската поезија и поезија на академик Богомил Ѓузел.
Дарија Жилиќ во рамките на својот престој учествуваше на книжевната манифестација на Независните писатели на Македонија и имаше средба со студенти на Филолошкиот факултет. Нејзините поетски реминисценции од Скопје ги објави во својата најнова збирка прозни записи „Клавжар“, која што излезе во Загреб, непосредно по нејзиниот резиденцијален престој.

Беким Сејрановиќ имаше промоција на својата најнова книга „Поубав крај“ објавена на македонски јазик од страна на книгоиздателството „Блесок“. Воедно, пред скопската и битолската публика го прикажа и својот документарен филм „Од Токио до Морава“, во присуство и на режисерот од Јапонија, Моку Тераока.
Како дел од регионалната размена, Беким Сејрановиќ беше гостин на интеркултурниот фестивал во Косовска Митровица „Дали ме читаш“, а Еди Матиќ од Сплит гостуваше во Скопје и Гевгелија во рамките на манифестацијата „Авторот е присутен“.

You May Also Like